ВО СОФИЈА ПРОМЕНИ – ВО СКОПЈЕ ПОЛИТИЧКИ СТАТУС КВО

Разговор со Ана Крстиновска - претседател на ЕСТИМА

Изборите во Бугарија покажуваат дека и во кус рок може да се собере нова генерација на партиски првенци кои победуваат ако понудата е веродостојна за битката против криминализација на општеството.

Победата на тандемот Петков – Василев е надежна не само за спорот Софија – Скопје, туку и за регионалната битка против корупцијата, вклучувајки ги сосотојбите во Северна Македонија. Тоа може да биде поука и за следните парламентрани избори во државава. Од Софија има нови погледи вперени кон иднината, а не кон минатото.

Разговор со Ана Крстиновска – претседател на ЕСТИМА, која беше дел од македонската мисија во Брисел, а работеше и во Секретаријатот за европски прашања.

Трилинг: Потенцијалниот бугарски премиер Кирил Петков најавува нов пристап во дијалогот со Македонија што нема да се базира исклучиво на историски прашања туку и на инфраструктурата, економија, образованието. Како гледате на овие најави од Софија?

Крстиновска Тоа се охрабрувачки изјави кои влеваат надеж дека може да се најде одржливо решение, односно да се пренасочи енергијата од минатото и прашањата поврзани со идентитетот и историјата кон теми што се од реален интерес за двете држави. Сепак, изјавата на Петков потврдува дека прашањето е од национален интерес и за Бугарија и не посочува на конкретни чекори за отстранување на бугарското вето во пресрет на декемврискиот Совет на министри на ЕУ. Според тоа, резултатот од изборите во Бугарија секако отвора нова перспектива за надминување на разликите, но потребно е да се види подетално како ќе биде рамнотежата на силите во Парламентот и кои други партии ќе влезат во коалицијата и со какви барања.

Трилинг: Проценките се дека по одржаните избори во Бугарија ќе се интензивира дијалогот Скопје – Софија за постигнување на компромис. Гледате ли реални шанси за договор до крајот на оваа година?

Крстиновска – Цела година се зборува за интензивирање на дијалогот и овие се трети избори што нестрпливо ги очекуваме со надеж дека ќе донесат некое поместување. Некои предизборни реакции на Борисов и на Радев не ни оставаат многу простор да си ги подгреваме надежите. Како што беше и во случајот со Грција, спорот за Бугарија веќе не е билатерален дипломатски спор, туку прашање од национален интерес и гордост и воопшто нема да биде лесно да се реши, посебно не со исход кој за нас би бил лесно прифатлив. Имајќи предвид дека по изборите треба прво да се формира влада, ми се чини дека оваа година е нереално да очекуваме решение.

Трилинг: Се погласни се најавите дека на 15. декември Македонија ќе доби зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Сметате ли дека  Брисел овој пат ќе опстои на ветувањето ?

Крстиновска Иако многу би сакала да е така, ништо не наговестува дека овојпат би било поинаку. Дури по некое чудо и да ја одржиме првата меѓувладина конференција во следните неколку месеци, доколку не го решиме спорот со Бугарија ќе продолжиме да се соочуваме со можност да бидеме блокирани на секој следен чекор кога ќе треба да отвораме и да затвораме кластери и поглавја. Како што видовме и до сега, кога станува збор за проширувањето, Брисел се чини немоќен пред каприците на државите членки. Во таков контекст треба да размислуваме подолгорочно и да не создаваме илузија дека добивањето датум за преговори значи брзо пристапување во ЕУ. Од членството како чин кој ќе ја означи реалната трансформација на државата и ќе ни обезбеди конкретни придобивки, покрај спорот со Бугарија нè делат и многу несработени домашни задачи.

Трилинг: Дел од упатените сметаат дека бугарското вето се користи како алиби  за слабите резултати во битката против корупцијата? Сега победува новоформирана партија од Петков и Иванов во чиј епицентар на програмската понуда е борбата против криминалот во високите ешалони на власта?

Крстиновска – Тоа е тема со која се победува, но нејзината реализација е долг и сложен процес и предизвик на новите бугарски политички надежи. Повеќе би рекла дека бугарското вето е алиби за недостигот на желба проширувањето да продолжи кај некои држави членки во Унијата. Факт е дека корупцијата и криминалот ни остануваат хронични проблеми, не само кај нас туку во целиот регион, и тоа влијае врз јавното мислење и политичките одлуки во дел од земјите од ЕУ. Но, исто толку големо влијание имаат и внатрешните несогласувања меѓу 27-те членки и неможноста да се носат брзи и ефикасни одлуки во рамки на ЕУ по некои клучни прашања. Во таков контекст, за дел од владите во ЕУ не постои начин да им објаснат на своите гласачи зошто би поддржале натамошно проширување со држави кои се сиромашни, корумпирани и честопати нефункционални демократии.

Трилинг: Сосема е јасно дека во ЕУ проширување не е меѓу приоритетите. Дали европска топло-ладно политика кон земјите од Западен Балкан може да има домино ефект ?

Крстиновска – Негативните ефекти од досегашната политика на проширување на ЕУ кон Западен Балкан веќе ги чувствуваме, и тоа во моментов преку актуелните политички кризи кај нас и во Босна и Херцеговина, а претходно и во Албанија и во Црна Гора. Доколку негативниот став кон проширувањето во дел од земјите членки продолжи во ист стил, во иднина последиците секако може да бидат уште посериозни. И тука не мислам на надворешни фактори кои би можеле да имаат зголемено влијание, како Русија или Кина. Најреална закана според мене се внатрешните етнички, религиски, јазични, политички и други поделби во регионот и во самите држави кои би можеле да бидат извор на тензии и постојана нестабилност.

Трилинг: Неизвесна е и нашата политичка и постизборна конфликтност: СДСМ и ДУИ најавуваат зголемување на парламентарното мнозинство. ВМРО ДПМНЕ и опозицискиот блок проценуваат дека нема уште долго да владее тандемот Заев – Ахмети. Дали по локалните избори Владата е делегитимирана и дали барањето на лидерот Мицкоски за предвремени извори би придонеле за излез од политичката криза?

Крстиновска – На избори најчесто ниту гласачите ниту партиите во својата кампања не прават јасна дистинкција меѓу политиките на локалната и на централната власт. Последните избори не беа исклучок и граѓаните покрај тоа што ги казнија градоначалниците кои не го испорачаа тоа што го ветија, го изразија своето незадоволство од политиките на централната власт. И тоа како кај македонското, така и кај етничкото албанско гласачко тело. Според тоа, сметам дека Владата е целосно делигитимирана, а СДСМ и ДУИ се сосема свесни за тоа. Оттаму произлегуваат очајните обиди да се одржат на власт, што го видовме при иницијативата за гласање (не)доверба на владата. Се обидуваат преку одржување на минимално мнозинство во Парламентот да издејствуваат повеќе време во надеж дека ќе успеат да ја повратат довербата на гласачите пред следните избори.

Трилинг: Зоран Заев ја одложи оставката од лидерската позиција во СДСМ. Неизвесно е дали и кога ќе се повлече и од премиер на Владата. Каков профил на мандатар за состав на идната Влада и е потребен на земјата во време кога се соочуваме со здравствена, економска и енергетска криза?

Крстиновска – Ни треба кредибилна и одговорна личност која нема да поларизира и да тактизира во чувањето на сопствената фотеља, туку ќе обединува околу конкретни решенија. Премиер или премиерка кој/а нема да се става себеси над законот и институциите. Некој што ќе биде подготвен да се откаже од апсолутната моќ која кај нас ја акумулира премиерската функција за да се ослободиме од култот на личноста и да започнеме да градиме системски решенија и функционални институции. Не ни треба човек од кого ќе зависи дали некоја институција ќе постапи според законот или не и кој ќе ја злоупотребува позицијата за да издејствува отстапки од правилата. Ни треба некој/а кој со сопствен пример на интегритет и доблест ќе ги поттикне прво тие околу него и потоа сите други да ги почитуваат системот, редот и законот, а не да ги заобиколуваат кога им се може.

Трилинг: Дали можеби треба да се размислува за формирање на експертска или малцинска Влада?

Крстиновска – Доколку нема стабилно мнозинство во Собранието кое би овозможило реално придвижување кон реформи и промени од една страна, секако дека треба да се размислува за такви решенија. Како што видовме досега, решенија по идеолошки или етнички клуч не нè водат никаде. Потребно е широк консензус и политичка воља за да ги спроведеме основните реформи. Но, клучното прашање кое се поставува е дали нашите политичари имаат доволно политичка култура и одговорност за да дозволат барем еден мандат експертска влада да функционира необременета од политички притисоци, а да обезбедат конструктивен надзор преку Собранието.