
Во режија на Унковски, на текст на Дуковски: Премиера на „Црно злато“ на 27 ноември во МНТ
Македонскиот народен театар на 27 ноември 2026 година, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Претпремиерната изведба е закажана за 26 ноември.
Македонскиот народен театар на 27 ноември 2026 година, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Претпремиерната изведба е закажана за 26 ноември.
По долгогодишна и исклучително значајна творечка кариера, Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ. Неговата последна режија на оваа сцена беше претставата „Сите сме птици“, со која оствари уште еден голем успех.
„Црно злато“ носи авторски потпис на Дејан Дуковски, драматург чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет остава голем печат во македонскиот и европскиот театар.
Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.

Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски: тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија, велат од МНТ.
Авторскиот тим го сочинуваат сценографот: Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал и композиторот Златко Ориѓански. Асистент на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот Мартин Манев, а асистент на костимографот Никола Булески.
Извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, организатор е Тадеа Павловска, инспициент Александар Рајковски, а суфлер Мирослав Атанасовски.
Дизајнот на плакатот и програмскиот каталог е реализиран со креативна поддршка на партнерите Publicis Groupe. По премиерата, претставата ќе биде на репертоарот на МНТ и на 1, 4 и 29 декември, во 20 часот.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на www.mnt.mk, како и на билетарницата на театарот, која работи секој работен ден од 13.00 до 20.00 часот.