Во Косово од денеска влез само со потврда за три вакцини

По големиот број на новозаболени од Ковид-19, Владата на Косово синоќа донесе нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата.

Од денеска за влез во државата е потребно да се приложи потврда за примени три дози вакцини, или две вакцини и негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.

Од оваа обврска при влез во Косово се ослободени лицата кои патуваат транзитно, странските дипломати, децата до 12-годишна возраст и лицата кои имаат лекарска потврда дека се ослободени од вакцинација.

Косовските државјани кои немаат примено две вакцини, по враќањето во земјата ќе треба да подлегнат на 7-дневен карантин во своите домови. На сите вработени во јавните институции ќе им се бара сертификат за примени најмалку две дози.