Во Грција уапсен маж поврзан со Хамас, наводно подготвувал напад

Грчките власти уапсија 37-годишен маж на островот Крит под сомнение за поврзаност со терористички активности, откако истрагата покажа можни врски со осомничени лица приведени на Кипар поради планирани напади врз цели поврзани со Израел.

Грчките власти уапсија 37-годишен маж на островот Крит под сомнение за поврзаност со терористички активности, откако истрагата покажа можни врски со осомничени лица приведени на Кипар поради планирани напади врз цели поврзани со Израел.

Според истражителите, осомничениот, кој потекнува од Појасот Газа и легално работел во Грција како сезонски работник во хотелскиот сектор, бил уапсен во градот Агиос Николаос на североистокот на Крит.

Во своето првично сведочење тој изјавил дека е член на Хамас и дека бил во контакт со осомничените кои се наоѓаат во притвор на Кипар. Наводно признал дека сè уште не изработил експлозивна направа, но дека преку интернет нарачал материјали кои можеле да се искористат за изработка на експлозив.

При претрес на неговиот стан во атинската населба Патисија, полицијата пронашла прецизна вага и стаклен сад за мерење, кои неодамна биле купени и сè уште биле во оригиналното пакување. Грчките власти соопштија дека анализата на мобилни телефони и лаптоп довела до поврзување на осомничениот со лицата уапсени на Кипар. Тој бил под надзор на безбедносните служби и пред неговото приведување.

Според истрагата, осомничениот претходно патувал во Малезија, каде што наводно посетувал обука за изработка на експлозивни направи. Тој живее во Појасот Газа со сопругата и трите деца.

Истражителите наведуваат дека за време на работата во хотелот не покажувал сомнително однесување и дека во моментот на апсењето немал непосредна можност да изврши напад. Сепак, безбедносните служби процениле дека постоел ризик во блиска иднина да се обиде да реализира напад на Крит или на друга локација во Грција.

Во меѓувреме, кипарските власти соопштија дека осомничените кои се наоѓаат во притвор на островот наводно подготвувале напади врз интереси поврзани со Израел во Кипар и во други земји од Европската Унија, објави Скопје1.мк.