Во Велес фестивал на џез, world и современа музика – пет години музика, уметност и културна размена

Од 25 до 27 септември во Велес ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на Џез, world и современа музика, којшто годинава одбележува свој мини-јубилеј – пет години исполнети со музика, уметност, ентузијазам, нови средби и културна размена.

Од 25 до 27 септември во Велес ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на Џез, world и современа музика, којшто годинава одбележува свој мини-јубилеј – пет години исполнети со музика, уметност, ентузијазам, нови средби и културна размена.

Фестивалот започна со едноставна, но важна идеја – уметноста да не биде концентрирана само во метрополите и големите градски центри, туку да се создаваат услови различни уметнички изрази да патуваат, да се среќаваат со нова публика и да се развиваат и во други градови и локални средини. Од таа идеја фестивалот постепено ја гради својата приказна и денес претставува простор во кој публиката има можност да слушне и види уметници од различни делови на светот.

Иако во својата основа е музички фестивал, неговата програма од самиот почеток не се ограничува само на музиката. Во различни изданија фестивалот вклучува изложби, работилници, видео проекции и мапинг, визуелни и сценски перформанси, како и други уметнички форми кои на различни начини комуницираат со музиката.

Од втората година фестивалот добива интернационален карактер, отворајќи простор за средба на домашната сцена со уметници од различни земји и културни средини.

Токму таа двонасочна размена е една од важните карактеристики на фестивалот. Интернационалната програма не е само можност велешката публика да слушне странски уметници, туку и можност македонските уметници да се сретнат со колеги од други земји, да разменат искуства, идеи и можности за идни соработки.

Во самото име на фестивалот – Џез, world и современа музика – се препознава неговата отвореност кон различни жанрови и музички јазици. Фестивалот не поставува строги граници меѓу музичките форми, туку се обидува да понуди поширока перцепција на современата музика и нејзините различни изрази.

Фестивалот е основан од Општина Велес, а со делегирана надлежност негов организатор е Здружението за култура, уметност и млади „Арт-Генератор“ – Велес.