Владата ќе ја субвенционира цената на парното за скопјани да не плаќаат повисоки сметки
„Владата предлага да ја субвенционира цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје во висина од 80 отсто, а останатите 20 проценти да ги покријат Градот и скопските општини, со што трошоците за топлинска енергија на домаќинствата ќе останат непроменети“.
Ова на прес-конференција го исракнна министерот за економија Крешник Бектеши кој беше придружуван од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) – Марко Бислимоски.
Министерот Бектеши нагласи дека Владата во координација со сите надлежни институции од енергетскиот сектор и по консултации со Регулаторната комисија за енергетика, им предложила на компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, разликата од актуелната до реалната цена на топлинска енергија да ја покрие Владата од Буџетот во висина од 80 отсто, додека останатите 20 проценти, со цел да се затвори целата финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците, ќе треба да ги покрие Градот Скопје и општините во рамки на градот.
„Средствата за разликата од актуелната до реалната цена на топлинска енергија, Владата во име на потрошувачите, корисниците или домаќинствата кои се корисници на топлинска енергија, како и на јавните институции, ќе ги уплати на БЕГ, при што БЕГ ќе биде обврзан да ги намали сметките на потрошувачите, односно домаќинствата нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија, рече Бектеши.
Воедно, тој нагласи дека помошта на Владата ќе важи за цела година во делот на разликата од актуелната до цената што ќе ја одреди РКЕ.
Бислимоски, нагласи дека Владата покажала солидарност со цел граѓаните да не го понесат товарот од енергетската криза.
„Решението е следно, РКЕ ќе донесе одлука со која што цените за топлинска енергија ќе бидат реални. Разликата помеѓу оваа реална цена до постоечката цена ќе биде покриена во најголем дел од Владата, а во еден сосема минимален дел од Градот Скопје и од општините во Градот Скопје. На тој начин ќе се обезбеди потребната ликвидност и на БЕГ производство и на БЕГ дистрибуција и на БЕГ снабдување. Исто така, што треба да се знае дека со овие мерки цените трошокот за топлинска енергија на домаќинствата во градот Скопје ќе остане непроменет“ – рече Бислимоски.