Ковачевски ќе го поништел тендерот за скапиот кујнски прибор во Владата ако е несоодветен

По информацијата која се лиферуваше во јавноста дека Службата за општи и заеднички работи на Владата сакала да купи скап кујнски прибор во вредност од 37.000 евра и дека за оваа набавка е распишан оглас е за потребите на сите државни институции, вклучително Претседателот на државата, Собранието и владините институции, како и за сите посети на странски делегации во Македонија, денеска својот став го изнесе и новиот премиер – Димитар Ковачевски.

„Јас немам детали за таа набавка бидејќи сеуште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам“ – рече тој.

Инаку, се нарачуваат ножеви од по 10 евра од парче, виљушки од по 9 евра, како и лажици од по 6,5, потоа 60 нови кристални чаши и чиниите од кои една чини 88 евра.

Договорот вреден над 37.000 евра го добиле три фирми -„Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“ – сите три од Скопје.