
„Македонската економија е многу поинтегрирана денес отколку што беше порано и турбуленциите во светската економија ќе не зафатат и нас. Втора работа е она што досега беше непроблематично, а тоа е да се биде и на страната на САД и на ЕУ одеднаш се повеќе со продлабочувањето на овој јаз се покажува дека мора да се избере страна, а ако се избере страна може да се навлече револтот на другата страна. Типично за нашата владејачка класа е да се одбере да се биде на страна на посилниот, а во дадениот судир на американската и европската владејачка класа се одбира американската страна, но тоа нема баш поволно да се одрази врз Македонија во геостратешките игри токму затоа што сме слаба земја, вели проф. д-р Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки.
Имаме високо ниво на национализам кој е маскиран како патриотизам
-Национализмот е квази решение за вистинските проблеми и за жал во Македонија во моментов имаме високо ниво на национализам кој е маскиран како патриотизам. Во принцип треба да се прави разлика помеѓу национализмот и патриотизмот, бидејќи групата на припаѓање на еден патриот е сите жители во една земја, додека групата на припаѓање на националистот е неговата етничка група. И сега ако некој е патриот тогаш Албаниците во македонија му се земјаци и му се дел од неговата етничка група, така што многу евтино е некој националист да кажува за себе ддека е патриот, а притоа да мрази сопствени земјаци, вели Савески.
Газдите кај нас земаат енормни плати
Говорејќи за минималната плата и за тоа како да се намали социо-економскиот јаз, Савески вели дека во еден момент минималната плата во 2022 година стигна до 60% од просечната плата и веднаш потоа почне да тоне и сега мислам дека е од прилика 52%.
Според него, платите треба да се зголемат согласно профитот на газдите.
„Газдите кај нас земаат енормни плати. УЈП едно време објавуваше податоци за највисоките плати во Македонија со шокантни бројки кои едноставно се незамисливи за нормален човек. Пред некоја година имаше и податок дека еден газда на текстилна фабрика зема плата колку 550 негови работници. Такви енормни класни разлики во Македонија се недозволиви и никогаш таа приказна за продуктивноста на трудот не може да помине ако притоа газдата на фирмата за себе си одделува огромен дел од колачот.
-Навистина кај нас имаме луѓе кои се стварно сиромашни и врзуваат крај со крај, но тоа не е мнозинството од населението, вклучително и добар дел од работничката класа. Јас ќе потсетам дека Македонија пред 15 години, мака мачевме со огромна невработеност. Сега не е така. Значи она ветување на капитализмот дека ќе донесе благосостојба, за Македонија требаше 25 години да се испорача. Но она што треба да бидат свесни нашите граѓани е дека оваа поволност која е во овој момент не може долго да трае. Ние ја добивме поради огромниот одлив на работна сила, поради кој се реши невработеноста и поради кој газдите мораа да издвојуваат поголем дел за плата, бидејќи ќе му избегаа работниците. Но и ова можеби ќе се смета за време кога „Господ одеше по земја“. Незадоволството го има и јас го разбирам тоа. Видете капитализмот колку катастрофален систем е. Дури и во неговото најдобро светло создава незадоволство кај луѓето, бидејќи капитализам може да значи невработеност, сиромаштија, глад. Тоа сега го немаме. Во овој момент го имаме најдоброто од капитализмот – полна вработеност, ниска инфлација, но луѓето не се задоволни. И сега ако некој систем не може да изпорача во своето најдобро време, квалитет, задоволство кај луѓето, тогаш тоа кажува колку тој систем е катастрофа, вели Савески.
„Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) достави предлог во кој има неколку чекори за да се зголеми минималната плата и таа истата да достигне 30.000 денари, колку што сметаме дека е потребно за намирување на основните прехранбени прозиводи или покривање на 50% од синдикалната минимална кошница. Тоа што го велат и од Владата и од работодавачите побаравме да не го прават еднострано, но гледаме дека тие еднострано сами за себе одлучуваат и голема е веројатноста работниците да бидат оставени сами да одлучат за следните чекори“, вели првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов околу ставот на Мицкоски дека во буџетот нема пари за зголемување на минималната плата, односно државата не е подготвена да ги субвенционира придонесите за работниците.
-Едни од механизмите се протестите и штрајковите, вели Трендафилов и додава дека пред неполна недела упатиле апел и замолиле како релевантен социјален партнер да седнат на зедничка маса, да ги слушнат аргументите и „потоа да ни судат, но тие веќе ни пресудија пред да не видат“.
Работодавачите ги менуваат ставовите како политиката ја менува својата цел
Загрижува тоа што, смета Трендафилов, работодавачите ги менуваат ставовите како политиката ја менува својата цел. Сега кога и политичката партија и владата не нападнаа како ССМ, а нападот е само поради тоа што бараме корка леб или зголемување на минималната плата, работодавачите кои претходно изјавуваа дека бараат субвенцонирање, ослободување од плаќањето на придонесите, денеска како да се лепат на Владата, односно велат дека Владата го напаѓа ССМ па сега е моментот и ние да го нападнеме па работниците да не добијат ништо.
-Но забораваат дека 70.000 членови на ССМ и 600.000 работници очекуваат од нив да испорачаат зголемување на платите и не ги и нтересираат политикантските игри и изговорите на газдите“, вели Трендафилов.
Доколку нема слух и одлучуваат против нас, тогаш ние ќе одлучиме против нив
На прашањето што доколку на сите овие предлози, сугестии, ниту Владата, ниту работодавачите не излезат во пресрет и дали 600.000 работници ќе излезат на улица, првиот човек на ССМ вели дека секој еден работник доколку смета дека му е потребно зголемување на платата да дојде во синдикатот за „заедно да се избориме“.
„Доколку нема слух и одлучуваат против нас, тогаш ние ќе одлучиме против нив. Излегувањето на улица покажавме дека е најмалиот проблем и тоа може да го направиме и утре. ССМ минатата година кога оваа Влада не беше влада излезе на протсети на 2-ри април, на 7-ми април и на 1-ви мај. Можеби и оваа година може да се случи нешто слично, имајќи предвид дека тие се безобразни кон нас. Ние ќе бидеме два пати побезобразни. Јас се надевам дека Владата знае дека навистина е потребно подобрување на животниот стандард и тоа што охрабрува е тоа што претседателот на Владата го зборува истото што го зборувам и јас, но не се подготвени на одредени отстапки, поради тоа што немале предвидено средства во буџетот, но има начин како без средства во буџетот да добијат дополнителни средства во буџетот. На работодавачите им подадовме рака, дури и нивен беше предлогот 31.500 денари со замрзнување на придонесите. За тоа подадовме рака, па дури и се откажавме од придонесите во период од 12 месеци. Не знам што можеме повеќе од тоа да направиме освен да излеземе на улица“, потенцира Трендафилов.
Се прави упад во синдикалното работење
Трендафилов вели дека во моментов одредени политички играчи се обидуваат да направат упад во Синдикатот, нешто што е недозволиво.
„Упадот се прави со политичка наредба и тоа се пресликува на локално ниво. Нив треба повеќе да ги загрижува што на локално ниво имаат избори за 5 месеци. Се соочуваме со притисоци од политички играчи со цел да помогнат на друг Синдикат кој е против зголемување на платите, кој сака да го укине општиот колективен договор и кој и ветува на Владата дека ќе прифати се што ќе каже таа“, вели Трендафилов.
Говорот на Доналд Трамп во Конгресот беше индикативен по неколку точки. Делови од тој говор не треба да не изненадуваат, бидејќи голем дел од тие работи американскиот претседател ги најавуваше и во кампањата и ги посочуваше како едни од приоритетите на американската надворешна политика. Она што го гледаме на дело е конкретното замрзнувањето на американската помош за Украина. Уште поиндикативно е тоа што сега е замрзната и помошта во разузнавачките информации. Тоа значи дека разузнавачките информации кои САД ги отстапуваше на Украина и од тактички и од стратешки аспект значат многу, затоа што украинската војска веќе не може да ги добие теренските информации. Не може да ги следи движењата на руските трупи, не може да го следи напредувањето на офанзивата, информациите од прислушувањата итн., што во оваа ситуација е еден голем хендикеп.
-Дали европските сојузници ќе можат да го надополнат тој вакуум е многу сериозно прашање“, изјави во „Трилинг“, проф. Александар Нацев, безбедносен експерт, околу тоа што би значело за Украина и за Европа стопирањето на помошта од страна на Трамп.
-Резолуцијата во ОН која што ја поднесоа САД и да не заборавиме на која и ние сме коспонзори, но индикативно е што веќе имаме и една од членките на ЕУ, Унгарија, што значи дека Европскиот фронт, европската идеја за разрешување не наидува на недвосмислено прифаќање на сите земји членки на Европската унија. И самото тоа што Зеленски веќе сфати дека мора да ја смири топката и да се врати на преговарачката маса, кажува дека и самиот тој го има увидено тоа дека без медијација на САД овде не може да се зборува за траен мир, за привремен мир, за некои почетни преговарачки постапки“, вели Нацев.
Околу тоа дали на повидок е нов светски поредок САД-Русија-Кина со исклучена Европа, Нацев смета дека Европа не може да се занемари во толкава мера да нема никаков глас во тој светски поредок.
„Но мислам дека потребно е мало реосмислување на политиките и за зацврстување на ЕУ како важен играч, играч кој што може да се осамостои до тој степен да може да донесува самостојни одлуки. Веќе е на сцена ново геополитичко прегрупирање. Да не заборавиме дека Европа за прв пат донесе стратешки документ којшто требаше да се однесува на полето на одбраната, безбедноста и надворешната политика. Стратешкиот компас кој беше донесен на ниво на ЕУ е еден сигнал со кој Европа за прв пат инвестира значително повеќе средства во одбраната и безбедноста, зајакнување на воената инфраструктура па и единици за брзо распоредување. Така што факт е дека ЕУ работи на тоа свое осамостојување, вели Нацев и додава дека македонското коспонзорство на американската резолуција во ОН нема да се одрази врз аспирациите за членство во Унијата.
„Голем дел од европските држави, како што минува времето ќе се приклонат, бидејќи во Европа има веќе одреден замор од она што се случува во Украина“, смета Нацев.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледенте го во видеото.