
(ВИДЕО) Разговори со Стојановски, Поповски и проф. д-р Петар Поповски
Во Трилинг разговараме со проф. д-р Петар Поповски од универзитетот Олборг и член на престижната Кралска Данска академија на науките и книжевноста, Тони Поповски политиколог, како и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Во Трилинг разговараме со проф. д-р Петар Поповски од универзитетот Олборг и член на престижната Кралска Данска академија на науките и книжевноста, Тони Поповски политиколог, како и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

„Ребалансот на на буџетот јас би го нарекол како ребаланс и редефинирање на приоритетите. Ако добро го видите документот од над 520 страни ќе забележите зошто практично се прави ребалансот.
-За прв пат откако Македонија е независна во ребалансот се покачуваат средствата за капитални проекти за 14%. Ние, нашата економска филозофија ја кажав е – кога ја составивме владата, а тоа е дека ќе се базира на три работи – реализација на капитални проекти, повисок животен стандард и привлекување на странски директни инвестиции. Ребалансот оди директно во овие три нешта кои сега ги споменав“, изјави во „Трилинг“ пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, околу дебатата на буџетот и дали влегуваме во свесен дебаланс на фискалната политика.
Околу доцнењето на повратот на ДДВ, на субвенциите кои компаниите ги добиваат во зоните, Стојановски вели дека ликвидноста на буџетот може да се гледа преку расходната, но поважна е приходната страна, особено што го полни буџетот.
„Да се фокусираме на две нешта – тоа се царинските давачки коишто ги прибира буџетот, како и даноците, ќе видите дека ние имаме двоцифрен раст на прибирање на даночни давачки во централниот буџет споредено со минатата година..
-Ако ја видите реализацијата на повратот на ДДВ оваа година, тој е повисок од тој лани, и субвенциите се секако повисоки кумулативно две години, но она што прави разлика е методологијата на исплаќање. Ние сакаме добро да ги провериме пред да ги исплатиме, што сметам дека е заштита на државниот интерес. Во претходниот период излегуваат многу извештаи од Државниот завод за ревизија каде што се укажува на неправилности.
Околу можноста за нови задолжувања Стојановски со став:
„Дупката нема да биде толкава, и нема да имаме задолжување по однос на проширувањето. Не планираме нови задолжувања, освен оние кои се предвидени во првичниот документ од буџетот.
-Немаме криза во пензискиот фонд. Навремено ќе бидат исплатени сите пензии“, вели Бојан Стојановски.

„Данската академија има долга традиција, од 300 и повеќе години. Надворешни членови биле еминентни луѓе како Чарлс Дарвин, Алберт Ајнштајн, Марија Кири, а Нилс Бор бил претседател на академијата. Тие генерално биле насочени кон природните науки, општествените, кои се сметаат за фундаментални, а јас сум во инженерските науки.
-Но сепак последниве години започна и прием на членови во инженерските науки, затоа што се подразбира дека и тие можат да направат фундаментални придонеси.
-Посебно со ова што се случува со технолошки напредок и дигитализација се сфаќа дека и тоа има придонес, како и дека е потребно да ги имаат тие профили на создавање на научно-истражувачка политика во земјата, во давање на насоки на политичарите за индустрија и слично.
„Најважен е натпреварот со самиот себе, да се погледнам пред една година, дали во тие 365 дена успеав да направам нешто повеќе, да научам нешто повеќе, или да придонесам нешто повеќе во знаење во однос на минатата година“, смета проф. д-р Петар Поповски.

„Ако судиме по Реформската агенда, којашто беше наградена со отприлика 65 милиони евра, и како е ова некаков индикатор, сепак водиме европска политика, иако знаеме дека имаме еден сериозен предизвик поврзан со уставните измени, кој предизвикува висок степен на загриженост“, вели за „Трилинг“ политикологот Тони Поповски.
Говорејќи за пораките од Брисел, и дали ние ги читаме како што нам ни одговара, односно дали нашата дипломатија која што ја водиме ќе вроди со плод, Поповски вели дека треба да се направи разлика помеѓу пораките и она што вистински се случува на планот на проширувањето.
„Има една нова динамика во Брисел. Од самитот на Западниот Балкан и Европската Унија во Тиват, има документи со политички предлози кои се на маса во рамките на ЕУ. Не само во Европската Комисија, туку и во телото кое одлучува – а тоа е Европскиот Совет на шефови на држави и влади. Го имате писмото на Мерц, го имате француско-германскиот предлог. Понатаму тој доелаборираше како француско-германски, заедно со државите од Бенелукс, за сега да имаме еден композитен предлог на Европската Комисија, чиј претставник е Марта Кос.
-Сите овие предлози упатуваат на потребата да се овозможи поголема динамика или ефикасност во просеот на проширувањето“, вели Поповски.
Околу прашањето колку стратегијата на чекање и НЕ за уставни промени без гаранции, нови условувања, може да не доведе пред вратите на ЕУ, Поповски смета дека поимот „чекање“ треба да се расчлени на начин што ние не можеме да не ги почекаме политичките одлуки на Европскиот Совет на држави и влади што би требало оваа есен.
Говорејќи за ставот дека државата треба да испорача реформи во судскиот Совет, судската независност, резултати во борбата против корупцијата, нов кривичен законик, деполитизација на јавната администрација, финализација на трите патокази, Поповски смета дека тоа е пакет на активности кој тој ги препорачува.
„Најдобрата дипломатија е вие да ги направите реформите. Ќе биде многу потешко да бидете блокирани ако покажете реформски резултат.
-Понатаму она што јас го предлагам е пакет мерки, кој вклучува инклузивен процес кој би кулминирал со во нашето Собрание, на начин што би се создал национален консензус, да се побара од Европскиот Совет на шефови на држави и влади да се донесат политички заклучоци. Значи да не се менува рамката, туку да се донесат политички заклучоци кои би обесхрабриле блокирање на држави кандидати од страна на држави членки за прашања кои се билатерални. Слични формулации има и во француско-германскиот предлог, смета Поповски.
Разговорите погледнете ги во видеото