(ВИДЕО) Положани: Ако ја пеам албанската химна, не значи дека не ја почитувам македонската
➡Жално е што сѐ уште треба студенти Албанци, кои се државјани на оваа држава да протестираат за нешто толку базично, како што е правото на јазик.➡ Но доаѓаат вакви моменти каде ти е јасно, дека сѐ уште можеби немаме такво разбирање едни за други. ➡Ако јас на пример ја пеам албанската химна, дали тоа значи дека не ја почитувам македонската? Според мене не. Јас можам и двете да ги пеам и ако ја пеам македонската химна, не значи дека не ја почитувам албанската химна и обратно. ➡ДУИ со толку многу гласачи кои ги има може да биде ефективна опозиција, заедно со СДСМ, а тоа не го прави, не знае добро да го прави. ВЛЕН исто така не знае како е да си во влада, но многу круцијално е што не знае како да менаџира со ВМРО-ДПМНЕ.➡ Кога ги гледам сите овие дебати на телевизија, јас како политиколог, многу често сум изненадена, но не на добар начин. А потоа ако се ставам во улога само на граѓанин на оваа држава, тогаш е тажно, затоа што мојата импресија е дека на овие политички партии, многу малку им е гајле мојот живот да биде подобар и подостоинствен, вели за „Трилинг“ Лура Положани, истражувач на Универзитетот во Грац.
„Жално е што сѐ уште треба студенти Албанци, кои се државјани на оваа држава да протестираат за нешто толку базично, како што е правото на јазик. Јас знам дека оваа тема е секогаш контенциозна во Македонија, но секогаш сум се надевала дека доаѓаме до еден степен каде што сме ги преминувале овие теми и дека сме прифатиле дека сите сме дел од истото општество. Но доаѓаат вакви моменти каде ти е јасно, дека сѐ уште можеби немаме такво разбирање едни за други“, изјави за „Трилинг“ Лура Положани, истражувач на Универзитетот во Грац, говорејќи околу протестите на студентите за правосудниот испит да може да се полага на албански јазик.

Говорејќи за тоа што ќе се случи со судско-истражните постапки ако добро не се познава и применува македонскиот јазик, Положани смета дека никој не вели дека нема да се применува.
„Дали ако положиш на албански потоа нема да работиш на македонски јазик? Еве јас на факултет ниту еден испит не сум го положила на македонски јазик, но еве со вас говорам на македонски. Тука треба да се спомене и контекстот. Оваа Влада прави една тензија со јазикот. Го употребува ова на начин пак да ги буди овие посентиментални, емотивни теми, со национализам. Државата има многу проблеми, и тие проблеми ВМРО-ДПМНЕ многу често ги сокрива со национализам, и гледам дека и новото ВМРО го прави истото“, вели Положани.

Околу (не) почитувањето на македонските национални обележја, како химната, знамето, Положани вели дека не се работи за непочитување доколку се пее албанската химна.
„Ако јас на пример ја пеам албанската химна, дали тоа значи дека не ја почитувам македонската? Според мене не. Јас можам и двете да ги пеам и ако ја пеам македонската химна, не значи дека не ја почитувам албанската химна и обратно. Тоа значи дека на Албанците, во овој случај, за оваа тема која е поврзана со јазикот и идентитетот, им е начин на декларирање. Дали има бои на национализам? Да, има, но секогаш треба да мислиме на контекстот, односно во овој случај се случува нешто од државата што е националистичко на одреден начин, и тие што протестираат исто така го употребуваат тој јазик на симболи“, смета Положани.

Таа вели дека ДУИ не знае како да биде во опозиција и не удобна во ваквата ситуација.
„Од друга страна ДУИ со толку многу гласачи кои ги има може да биде ефективна опозиција, заедно со СДСМ, а тоа не го прави, не знае добро да го прави. ВЛЕН исто така не знае како е да си во влада, но многу круцијално е што не знае како да менаџира со ВМРО-ДПМНЕ. ОД ВМРО-ДПМНЕ знаат дека немаат толку многу потреба од ВЛЕН. Имаат само потреба од легитимирање кај албанските гласачи. Е сега кога зборуваме за ВМРО-ДПМНЕ, загрижувачки е што таа партија не е реформирана“, вели Положани.
Прашана како гледа на овие секојдневни конфронтации Мицкоски, Филипче, Касами, Меџити, Али Ахмети и каде води оваа поларизација помеѓу клучните политички чинители во државата, каде едната страна предлага национално обединување, а од друга страна имаме партии кои се сомневаат во искреноста на власта, Положани вели дека и она самата се сомнева во неколку точки на оваа „искреност“.
„Кога ги гледам сите овие дебати на телевизија, јас како политиколог, многу често сум изненадена, но не на добар начин. А потоа ако се ставам во улога само на граѓанин на оваа држава, тогаш е тажно, затоа што мојата импресија е дека на овие политички партии, многу малку им е гајле мојот живот да биде подобар и подостоинствен“, смета Положани.
Целото интервју погледнете го во видеото.