
Во „Трилинг“ гостуваат поранешниот министер за финансии Никола Поповски, Стефанија Кузмановска претседателка на СДММ и ултрамаратонецот Тони Манев.

Инфлацијата уште треба да се скротува. Загрозена е од однесувањето, по мое мислење, на фискалната власт која и понатаму експанзионистички се движи, и од тука произлегува растот на БДП. Ако не е во моментов потрезвено поставена монетарната политика, ако се потпреме само на владината политика, јас сум уверен дека инфлацијата ќе оди многу нагоре, затоа што владата форсира дефицити на буџетот и фондовите, кои, колку што ги знам податоците, 2024 година беше 4,3%, 2025 година беше 4% од БДП, и сега сме некаде околу 3,1 или 2% за шест месеци, што значи дека до крајот на годината, како што се проекциите сигурно ќе надмине 4%.
-Тоа за Македонија се високи дефицити кои создаваат потрошувачка кај населението, па и кај фирмите. Потрошувачката ги билда цените. Цените, кога ќе се пондерира тоа што е во инфлациската кошница ја даваат инфлацијата. Таа зависи и од увозни компоненти. Во овој момент ние немаме сопствени течни горива. Ги увезуваме. Тоа создава дефицит и во платниот биланс. Оваа година дефицитот на тековната сметка е малку загрижувачки. Нивото на странските инвестиции е само 1% во првите шест месеци од БДП, што е ужасно ниско. Околу 180-тина милиони. И ако од нив ги одземеме реинвестираните од странските инвестиции во Македонија, тогаш станува многу мал влез на странските инвестиции. Нормално владата секогаш, од 1990-та година до денеска настапува со бомбастични изјави, дека ќе се донесат странски инвестиции, но резултатите се скромни. Со странските инвестиции јас сум секогаш склон многу внимателно да ги гледам. Завчера на берзата едно акционерско друштво во странска сопственост, грчка компанија во Македонија која купи пред триесетина години голема фабрика во Македонија, од социјализмот, објави дека има 840 милиони добивка во првите шест месеци. Тоа е отприлика 13,5 милиони евра. И објави одлука дека сите 13,5 милиони евра ги распределува како предвремена дивиденда. Во Македонија дивидендите се делат годишно, но по законот има можност по шест месеци авансно, па на крај ќе ги испеглате. Во САД на пример квартално се исплаќаат. Таму никој не чека една година за сопственоста во акции да ви се впаричи, туку на секој квартал. И они сега искористија – 13,5 милиони евра си ги носат во Грција. Има отприлика пола милијарда однесено назад. Е сега и тоа се странски инвестиции. Ни го одзема доходот што се создава овде и целосно го носи во Грција. Значи за странските инвестиции има и друга страна целата медала“, вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски.

Прашан дали се оправдани тврдењата на власта дека неопходно е да се задолжуваме, бидејќи мора да ги отплатиме старите долгови од лошото на претходната владејачка гарнитура, Поповски вели дека тоа е популистички изговор за оние кои не ги разбираат работите.
„Дефицитот не е враќање на старите долгови со нови. Тоа се анулира. Дефицитот е екстра новото трошење. Кога се зема еврообврзница од една милијарда евра, од кои се враќаат 800 милиони од пред пет години, другите до милијарда се дефицит. Има тука уште нешто многу интересно. Ако се вратиме наназад сите врати го враќаат стариот долг. Првата еврообврзница во Македонија што се издаде 2005 година, јас бев тогаш министер, беше за враќање на старите долгови од Југославија“, додава Поповски.
„По мое видување ребаланс ќе биде нужен, втор ребаланс што не е добра слика за нашата економија, затоа што дефицитот веројатно со третиот квартал ќе се приближи до годишното ниво и потрошувачката на дефицитот во наредните три месеци е невозможна. Ќе треба да ги запрат сите инвестиции кои се со странски кредити, а во Македонија сите инвестиции во патната и во железничката инфраструктура се со странски кредити, не се домашни пари, што значи не можете да ги трошите, ќе мора да се шири дефицитот“, смета Поповски.
„Еве ќе си дозволам една политичка квалификација – во владата нема главен економист. Секоја влада имала или потпретседател за економски прашања, или јак министер за финансии т.н главен економист. Во денешната влада, јас од надвор како што гледам е премиерот. Он, условно кажано, во стручна смисла е неквалификуван за таа работа. Него му треба некој. квалификуван. Дури и формално не знам дали постои тоа место, смета поранешниот министер за финансии“.

„Мој личен предизвик е секогаш да направам нешто повеќе, нешто поразлично, нешто со кое што можам да ги надминувам човечките граници. Предизвик ми беше да настапам, да бидам некој што поминал ваква делница, прв од Македонија. Но тука и нема да застанувам“ изјави во „Трилинг“ ултрамаратонецот Тони Манев, говорејќи за предизвикот да се трчаат 400 километри по швајцарските Алпи.
„Најтешки се првите 100 километри. Доколку ги пребродите првите 100 километри и влезете во тој барабан – нема назад и во ниту еден момент не сум размислил дека ќе се откажам. Нормално за тоа е пресудна моменталната физичка подготвеност. Сум немал некакви проблеми, повреди, па цело време гледам само наред“, вели Манев.
„На овие ултрамаратонски трки се трудам се трудам секогаш да најдам некои од другите ултраши, да не бидам сам, па со некој што е со мои квалитети да се движиме заедно, да има некоја комуникација кога ќе ви е тешко. На пример од Франција имаше еден натпреварувач, почна нешто да збори. Го прашувам нешто, он ми вика ‘не не јас сам си зборам, не ми замерувај’. Значи почнуваат тие некои халуцинации, сами да си зборувате, меѓутоа не сум дошол до таква точка да почнам сам да си зборам“, вели Манев.

Околу тоа колку се инвестира или колку се препознаваат успешните спортисти денеска, и во индивидуална и во екипно натпреварување, Манев вели релативно малку.
„Особено во овој спорт којшто можеби не е толку познат. Јас верувам дека поголемиот дел од публиката и не знаат дека има некој што се занимава со ова. Малку се инвестира, но и малку се зборува. Јас тука би ги спомнал и медиумите. Многу малку им даваат значење на овие не толку познати спортови. Затоа сметам дека државата треба малку повеќе да вложи, затоа што ние пред сѐ одиме со сопствени финансии, сопствени припреми. Замислете кога би имале поддршка многу поголема и финансиска – само така може да одиме напред“, вели Манев и додава дека целиот пакет како учество на маратонот, подготовките го чинеле околу 2,5 илјади евра.
„Таму имам котизација, пат, спиење, припреми, опрема. Не можеш да одиш како што се вели со искинати патики. Потребна е задолжителна опрема којашто ја бараат. Сето тоа чини, и не е мала инвестиција за да почнете да се занимавате со овој спорт, особено со ултрамаратон, бидејќи со добра опрема и вие сте многу подобро спремен“,

„Не би рекла дека треба опоравување, затоа што сметам дека рејтингот на СДСМ се дига изминатиов период. Меѓутоа кога би требала да ги поврзам со хемијата и политиката, мислам дека не постои некоја магична формула којашто би оправила одредена политичка партија, но потребни се одредени компоненти и состојки, коишто во политиката тоа би биле луѓе, идеологија, вредности и многу работа.
-Сметам дека СДСМ во моментов ги поседува тие компоненти за постигнување на позитивни резултати“, изјави во „Трилинг“ Стефанија Кузмановска претседателка на СДММ, на прашањето која е формулата за опоравување на СДСМ.
Прашана за нејзино мислење кога СДСМ ја напушти идеологијата и почна да го губи тлото, односно да ги изгуби оние симпатизери , поддржувачи на кои претходно секогаш можеше да смета на како сигурни гласачи, Кузмановска со став дека СДСМ ја нема изгубено својата идеологија.
„Можам конкретно да зборам и преку мојот личен пример. Меѓутоа општествените процеси и случувањата во нашата држава си носат и свои предизвици коишто налагаат малку поинакво функционирање. Но кога станува збор за вредностите и идеологијата не би се согласила дека СДСМ ја изгубил својата идеологија. Впрочем, тоа го покажуваме и преку политиките и иницијативите коишто СДСМ ги предлага преку програмската платформа, а истовремено, она што јас можам да го зборувам во мое име, во мојот домен, е Манифестот на социјалдемократијата, коешто СДММ го искреира во 2024 година. Тоа е идеолошки документ којшто се заснова на заложби кои подоцна ги претвораме и треба да се претворат, дел од нив, коишто сѐ уште не се започнати, во конкретни предлог иницијативи, предлог заложби, предлог политики, и всушност суштината на тој Манифест се вредностите на социјалдемократијата, вели Кузмановска.

Околу тоа зошто битката помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ наместо да се претвори во борба за идеи, сугестии, се претвора во лична битка и најчесто се сведува на тоа во која партија има повеќе наркомани или пијаници, Кузмановска вели дека како млад човек не би се согласила дека треба да има такви политички препукувања врз основа на лични позадини и слично.
Прашана за тоа од што младите најмногу се разочарани, претседателката на СДММ вели дека тоа затоа што живеат во општество полно со корупција, сакаат да владее правото во државата. СДСМ додека беше на власт направи многу во поглед на искоренување на корупцијата, но граѓаните како и секогаш од СДСМ очекуваат повеќе од нас.
„Тоа е и нормално. Од СДСМ секогаш се очекува многу повеќе, затоа што сме државотворна партија, направила многу за државата и очекувано е од граѓаните да очекуваат многу повеќе отколку од ВМРО-ДПМНЕ“, смета Кузмановска.
Околу евроскептицизмот или европската перспектива, претседателката на СДММ вели дека во Македонија присутни се двете.
„Неодамна имав прилика да говорам на една конференција во Европскиот парламент. Има една анализа која покажува дека речиси 40% од младите не веруваат дека Македонија воопшто ќе влезе во ЕУ, додека пак само 45% од младите гледаат позитивно на ЕУ. И целиот оној процес кој започнал во 2005 година им губи надеж на младите дека Македонија воопшто би се вклучила во ЕУ. Сметам дека Македонија треба да влезе Унијата, но тоа ќе биде кога ќе видиме реформи во државата, и кога ќе видиме желба државата да сакаме да влезе во ЕУ, што оваа власт не го покажува, вели Кузмановска.
Целото издание на Трилинг можете да го погледнете во видеото