(Видео) Боцевски: Завршено е времето на големи идеи, секое глупаво викање УЧК на плоштад е за никаде

„Досега немало случај од 1994 година на претседателски избори да победи опозицијата. Првпат опозиција, првпат жена. Никогаш не се случило опозициска партија да направи толку голем пресврт во мирнодопски услови. Овие 430.000 за ВМРО-ДПМНЕ се историски резултат од секоја смисла. После избори прашање е дали СДСМ е стожер, дали има сила да даде мандатар и подоцна премиер. Со резултат под 200.000 гласови прашање е дали партијата е стожер. Во моментов опозицијата во Македонија ја предводи ДУИ. Претседател на ДИК ќе биде од ДУИ, и други функции што ги дава опозицијата. Ковачевски падна добри 80.000 гласови под историското дно на СДСМ во 2008 година, а Стево Пендаровски има 20.000 гласови во втор круг помалку од Фрчкоски во 2009, во прв круг – историско дно од секој аспект. За ДУИ има легитимно прашање, дали победи ВРЕДИ. ДУИ покажа дека е шовинистичка партија, го загадуваат политичкиот простор во Македонија“ – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер и амбасадор во најновото издание на Трилинг.

Боцевски на прашање што треба да е прв приоритет по формирањето на новата Влада, вели „Борбата против корупција зема многу лоши размери, во однос на Софија чекам поискрен пристап. Договорот со Бугарија беше направен на начин којшто некако допре во она што Македонците го сметаат најсвето – култура и јазик. Сметам дека има простор да се најде начин да се надмине спорот со Бугарија, а Бугарија ќе се откаже од злоупотреба на македонската интеграција за свои тесношовинистички цели, односно за бугаризација на македонскиот народ“.

На прашање колку големиот број освоени пратенички мандати од ВМРО-ДПМНЕ му остава комоција на Мицкоски во формирањето на идната Влада без условување и уцени од идните коалициски партнери „Референдумска волја е ова, 58 пратеници има ВМРО-ДПМНЕ. Во Македонија ги пробавме сите варијанти, и освен граѓанскиот патриотизам не постои ништо друго што може оваа земја да ја стабилизира“.

„Завршено е времето на големи идеи, дали некогаш имало поголема Србија од СФРЈ. Ќе има ли поголема Македонија од Југославија. Се сруши тоа, зошто ние тука да изигруваме некои етнички држави. Нашиов народ не можеме да си го собереме тука. Секоја пропаст завршува со неброени човечки судбини и море крв. Секое глупаво викање УЧК на плоштад е за никаде. Не е лошо да се завртат ракави, да влеземе во ЕУ, па таму да се натпреваруваме за луѓето да не ни бегаат“ вели Боцевски.

На прашање дали очекува амнестија за осудените за 27 април вели „Очекувам, за да се затвори едно лошо поглавје во Македонија, по 2002 година и фамозниот 15 септември настрада Амди Бајрам, беше наједноставна мета. На 27 април настрадаа луѓето кои мислеа дека нешто бранат. Голема амнестија за тие луѓе, но и да се испита нелегалниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието“.