(Видео) Атентат на претседателски кандидат во Еквадор, напаѓачот му пукал трипати во глава

Кандидатот за претседател на Еквадор, Фернандо Вилависенсио, беше убиен вчера на предизборен митинг во Кито, кога напаѓач го застрела во главата додека влегуваше во својот автомобил.

Како што може да се види на видеото во моментот на пукањето, Вилависенсио влегувал во автомобилот придружуван од обезбедувањето, а околу него биле и неговите поддржувачи.

Неколку моменти пред обезбедувањето да ја затвори вратата од автомобилот, одекнале истрели.

Како што подоцна изјави член на неговиот изборен штаб за локалните медиуми, Вилависенсио бил застрелан трипати во главата, според очевидци.

Во престрелката што следела бил ранет и осомничениот за атентатот, а подоцна тој починал од повредите.

Инаку, првиот круг од претседателските избори во Еквадор треба да се одржи на 20 август.

Кампањата на Вилависенсио, освен на безбедноста на граѓаните, беше насочена и кон борбата против корупцијата, со која се занимаваше и како новинар, но и на борбата за намалување на уништувањето на животната средина.

Од штабот на Вилависенсио минатата недела објавија дека тој и членовите на тимот добиле закани од водачот на банда за шверц на дрога и дека во неговата куќа било пукано во септември минатата година, но никој не бил повреден.