Бугарските власти информираат дека истрагата за автобуската несреќа на патот „Струма“ во која загинаа 45 македонски државјани е во завршна фаза, а до 25 декември очекуваат да биде завршено судското, техничкото и вештачењето кое треба да утврди како настанал пожарот и како изгорел автобусот за толку кратко време.
Борислав Сарафов – директорот на Националната истражна служба и заменик главен обвинител за тамошните медиуми вели дека возачот на автобусот се движел со несоодветна брзина, поголема од дозволените 90 километри на час.
„Брзината е прилично неусогласена, 90 километри на час биле надминати. Барањата за еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач. Затоа било неопходно и брзината да била соодветна на условите независно од ознаките на патиштата“ – рече Сарафов.
Не се отфрлаат можностите ознаките на патот да биле несоодветни, но сметаат дека тоа нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација.
Автобуската несреќа во Бугарија се случи на 23. ноември, загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.