
Бугарија: Нема место за посредници со Северна Македонија за договори на европско ниво
Нетипично е да има медијатор меѓу земја – членка Европската Унија и земја – кандидат според договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова – Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со одржувањето билатерален дијалог на високо ниво меѓу претставниците на Бугарија и Македонија за процесот на европска интеграција.
Нетипично е да има медијатор меѓу земја – членка Европската Унија и земја – кандидат според договори кои не се од билатерален карактер, туку се усвоени и одобрени на европско ниво, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова – Чамова, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со одржувањето билатерален дијалог на високо ниво меѓу претставниците на Бугарија и Македонија за процесот на европска интеграција.
„Ова е многу јасен став на Бугарија. Бугарија очекува Република Северна Македонија да биде подготвена да формира политички наратив кој не е насочен против Бугарија“, рече Петрова-Чамова, јави агенцијата БГНЕС.
Бугарија бара Македонија да го смени Уставот и да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата.
Поради тоа, Бугарија во 2020 година ѝ стави вето на Македонија за почеток на преговорите со Унијата.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски пред околу еден месец предложи претставници на ЕУ да се вклучат во разговорите меѓу Македонија и Бугарија.
„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака, кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту, пак, потоа брифирањето по тие средби е онака како што се разговарало на тие средби. Ценам дека за да имаме некаков ефект и суштина од тие разговори добро е да има претставници од Европската комисија, од ЕУ, за да ги слушнат аргументите“, рече тогаш Мицкоски.
Вчера(6. ноември), Швајцарија понуди помош од ОБСЕ во спорот меѓу Македонија и Бугарија. На средба на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
Муцунски, пак, рече дека дијалогот што во моментов се води околу отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на ЕУ. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, ова го кажа одговарајќи на новинарско прашања на заедничката прес-конференција со Касис, а во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека Унијата помага во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија.
„Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментот работиме на дијалог за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки“, кажа Муцунски.
Шефот на дипломатијата повтори дека позициите на македонската страна се јасни и принципиелни и дека сите разговори што се водат во моментот, како и оние во изминатите две години, се засноваат на ставови што јасно им биле претставени на европските партнери.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на прес-конференција во Брисел на 4 ноември, по претставувањето на пакетот за проширување, на новинарско прашање за ангажманот на Европската комисија во надминувањето на отворените прашања меѓу Скопје и Софија одговори дека ЕК прави многу за односите меѓу двете земји, но не кажува сè во врска со тоа.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.
Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
Позицијата на актуелната влада е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.