Борел: Иднината на Западен Балкан е во рамки на ЕУ

Жозеп Борел – високиот претставник на Европската унија истакна дека иднината на Западен Балкан е „јасна, во рамките на ЕУ“.

Во блог насловен „Време е да се оди напред во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“ по повод минатонеделните посети на Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, Борел истакна дека лидерите јасно ја осудија руската инвазија на Украина и се приклучија на санкциите на ЕУ против Русија.

„Ние сме обединети во нашите напори да ја запреме војната и да му помогнеме на украинскиот народ. Цврсто ја нагласив посветеноста на ЕУ за понатамошна поддршка на Западен Балкан и напредување во иднината на регионот во Европската унија“ – напиша Борел.

Тој истакна дека и пред војната во Украина, која враќа „живи спомени“ од војните за време на распадот на поранешна Југославија во 1990-тите и 2000-тите, констатирано е загрижувачко враќање на тензиите во регионот, особено во БиХ и меѓу Србија и Косово.

Борел ги повика сите земји во регионот да продолжат со блиската соработка со ЕУ за „Западен Балкан да биде мирен, стабилен и цврсто да оди на патот кон ЕУ“.

„Видовме надворешно мешање кое се обидува да ги дестабилизира нашите соседи и да ја ослабне Европската унија, особено преку подмолните и добро документирани кампањи за дезинформација на Русија“ – рече тој.

Борел наведе дека практичната помош за регионот и јасниот напредок кон интеграцијата во ЕУ се клучни за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон ЕУ.

Тој дополни дека им повторил на лидерите на Северна Македонија и Албанија дека двете земји ги исполниле сите обврски за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Политичката ситуација во БиХ стана многу загрижувачка во последните месеци“, напиша Борел.