„Болва в уво“ на Драмски театар Скопје на фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово

Претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов денеска ќе биде изведена во рамки на 29. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.

Претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов денеска ќе биде изведена во рамки на 29. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.

Претставата на Драмски театар Скопје ќе се игра со почеток во 20:00 часот на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Фестивалот се одржува од 23 септември до 5 октомври, а годинава во програмата се 11 претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Десет претстави се дел од натпреварувачката програма, во рамки на која ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, актер, актерка, сценографија, костимографија и најмлад актер.

„Болва в уво“ е една од најпознатите фарси на францускиот драмски автор Жорж Фејдо, а во постановката на Драмски театар Скопје е претставена како приказна за сомнежот, недоразбирањата, заменетите идентитети и хаосот што се создава кога ликовите зборуваат, но не се слушаат меѓусебно.

Во режисерското читање на Евтимов, препознатливите механизми на класичната фарса – вратите што се отвораат и затвораат, креветот што се врти и постојаното разминување на ликовите – стануваат сценска топографија на недоразбирањето. Преку забрзаното темпо и комичните ситуации, претставата отвора и прашања за сомнежите, претпоставките и однапред создадените вистини во меѓучовечката комуникација.

Во претставата настапуваат Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска-Лаковски, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.

Режијата и адаптацијата се на Синиша Евтимов, сценографијата е на Мартин Манев, а костимографијата на Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска.

„Болва в уво“ премиерно беше изведена на 17 декември 2025 година на големата сцена на Драмски театар Скопје. Претставата трае 125 минути без пауза.

По гостувањето во Куманово, публиката повторно ќе може да ја погледне претставата на 10 октомври на репертоарот на Драмски театар Скопје, со почеток во 20:00 часот.