
Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска во Атина изјави дека рускиот претседател Владимир Путин доживеал „стратешки неуспех“ со инвазијата на Украина, речиси една година по нејзиното започнување.
„Една година откако претседателот Путин ја нападна Украина, јасно е дека неговата војна е стратешки неуспех во секој поглед“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Дендиас.
Тоа се случи, оцени тој, „благодарение на храброста на украинскиот народ, но и на силата и единството на сојузниците и партнерите од целиот свет кои и пријдоа на помош на Украина“.
Во меѓувреме во Москва, речиси во исто време, Путин во своето обраќање во парламентот рече дека Москва направила се за мирно да ги реши проблемите во Донбас, но дека Западот подготвува поинакво сценарио зад својот грб, не пропуштајќи да укаже дека ќе ја продолжи воената кампања во Украина „внимателно и методично“.
Блинкен, пак, во Атина тврди дека „никој не ја сакал таа војна“ и дека „никому не му се допаѓа таа војна“ и дека „целиот свет сака таа да заврши што е можно поскоро“.
Но, тој нагласи дека е клучно да се бранат основните принципи и дека „ако не го сториме тоа и ако дозволиме војната да продолжи неказнето, ќе ја отвориме Пандорината кутија во целиот свет“.
Ова е прва посета на Блинкен на Грција, каде што синоќа се сретна со премиерот Киријакос Мицотакис.