Битиќи тврди дека владата манипулира: Обврзницата за враќање е 500 милиони, а новото задолжување две милијарди евра
Битиќи рече дека во самиот Предлог-буџет јасно се гледа дека од вкупната сума, само 500 милиони евра се однесуваат на еврообврзницата издадена во 2023 година, додека останатите обврски произлегуваат од задолжувањата направени во изминатите две години од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и од потребите за финансирање на буџетскиот дефицит.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на комисиската расправа за Буџетот за 2027 изнесувајќи податоци рече дека владата прави манипулации со прикажаните долгови. Според него, претставувањето на планираното задолжување од 125 милијарди денари за следната година, како враќање на долгови наследени од претходната власт е извртување на фактите.
Битиќи рече дека во самиот Предлог-буџет јасно се гледа дека од вкупната сума, само 500 милиони евра се однесуваат на еврообврзницата издадена во 2023 година, додека останатите обврски произлегуваат од задолжувањата направени во изминатите две години од владата на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и од потребите за финансирање на буџетскиот дефицит.
„Рековте дека државата во 2027 треба да врати 125 милијарди денари. Да ги видиме фактите. Еве ја табелата, а заменик-министерот за финансии многу добре знае, на страна 16 и 17 од буџетот ги пишува. Во 2027 имате една еврообврзница да вратите од 500 милиони евра. Или во проценти тоа е вистина 48% од тоа што треба да вратите. Но, од 500 милиони до две милијарди е многу далеку. Следно треба да вратите државни хартии вредност со краткорочна доспеаност 2 и 3 години. Во трета година влегувате. Сега прашањето е дали сте земале во април, па ја враќате во април, или дали сте земале во јуни, па ја враќате во јуни. Ова е реалноста. Една милијарда доспеани долгови, две милијарди задолжување. Тоа е реалноста за буџетот“, потенцираше Битиќи.
Во образложението, Битиќи додаде дека во планираната отплата на долгот се вклучени и државни хартии од вредност со рок на доспевање од две до три години, како и обврски кон меѓународни финансиски институции – кредити кои сега доаѓаат за отплата.
Притоа, Битиќи укажа дека Владата планира ново задолжување од околу две милијарди евра, а не само рефинансирање на стари долгови. Тој посочи дека задолжувањата со скапи кредити, ја чинат државата и одлив на повеќе пари по основ на камати.
„За долг од 46,5 милијарди денари, враќате камата од 12 милијарди денари. За внатрешен долг од 18 милијарди, враќате 12 милијарди камати. За која каматна стапка зборувате?“, рече Битиќи.