Бислимоски реагира до ЈСП: РКЕ нема никаква надлежност во регулирање на цената на метанот
„Регулаторната комисија не може да ја замрзне цената на метанот, тоа е спротивно на Законот на енергетика“ реагира претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, откако денеска директорот на ЈСП „Скопје“ – Иван Илиевски побара Комисијата да ја замрзне цената на метанот по зголемувањето од 50 на 110 денари за килограм.
„Регулаторна комисија нема никаква надлежност во регулирање на цената на метанот. Цената на метанот или природниот гас се регулира на пазарот и според Законот за енергетика, ние не определуваме набавни цени” – вели Бислимоски.
На метан возат 33 од новите автобуси марка „МАН“ на ЈСП и според пресметките на претпријатието, со новата цена двојно ќе се зголемат трошоците за гориво.
Директорот Илиевски побара помош од Владата затоа што наместо 1 милион ќе им бидат потребни 2 милиони евра за метан.