Бејл на 33-години оди во фудбалска пензија

Фудбалската ѕвезда на Велс, Герет Бејл објави крај на својата играчка кариера. На само 33 години, Велшанецот реши дека е време да се збогува со спортот. Својата кариера ја затвори на најдобар можен начин, како капитен ја водеше својата земја на Мундијалот во Катар, по што реши да се повлече.

Бејл се обрати на навивачите, семејството, поранешните соиграчи, тренери, клубови и сите во животот. Тој упати емотивно писмо преку социјалните мрежи, пишувајќи на многу теми и заблагодарувајќи се на сите.

„По долго размислување, сакам да го најавам моето повлекување од клупскиот и интернационалниот фудбал. Среќен сум што си го исполнив сонот да го играм спортот кој го сакам. Навистина фудбаллот ми даде неверојатни моменти низ изминатите 17 сезони, невозможни да се повторат во ниту една нова авантура за мене. Од мојот прв допир на топката во Саутемптон, до последниот ден во Лос Анџелес и сè меѓу тоа, јас ја формирав својата кариера со чесност и гордост. Играв и бев капитен на мојата репрезентација, тоа е исполнување на сонот. До моите претходни клубови, тренери, соиграчи, сите во тимовите и посветени фанови, агенти, пријатели и семејство, импактот кој го имавте не се мери. Време е да прејдам во новата фаза на животот. Време е за транзиција, за нова можност и авантура…“, е дел од соопштението на Бејл.

Во кариерата Бејл настапуваше за Саутемптон, Тотенхем, Реал Мадрид и Лос Анџелес.

Своите најголеми успеси ги запиша играјќи за „кралевите“ со кои се радуваше на пет титули во Лигата на шампионите, трипати ја освои Примера, еднаш Купот на кралот и шпанскиот Суперкуп, трипати беше Светски клупски првак и освојувач на УЕФА Суперкупот.