Бернам ја остава отворена можноста за „повторно зачленување во ЕУ“

Коментарите на британскиот премиер претставуваат значителна промена во реториката во споредба со периодот на неговиот претходник Кир Стармер.

Дали Лабуристичката партија ќе влезе во следните општи избори со кампања за поништување на Брегзит? Енди Бeрнам вели дека тоа е „прашање за некој друг ден“.

Прашан од новинарите пред средбата со претседателката на Европската комисија, британскиот премиер остави простор за вклучување на таква заложба во изборната програма – идеја што ја поддржуваат и некои членови на неговата партија.

Бeрнам изјави дека размислувал за „изминатата деценија“ надвор од ЕУ и посочи дека кампањата за референдумот била одбележана со искривени факти.

„Во моментов сме фокусирани на самитот меѓу Обединетото Кралство и ЕУ, за кој се надеваме дека ќе се одржи подоцна оваа година“, им рече тој на новинарите во авионот додека патуваше кон Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Мојот непосреден приоритет е да ја надградам добрата работа што ја направи Кир [Стармер] во обновувањето на мостовите. Бидејќи тие мостови беа урнати во раниот дел од оваа деценија, а Кир заврши добра работа во повторното воспоставување на тие односи“, додаде тој.

„Она што треба да го направиме сега е да преминеме на следното ниво во однос на постигнување практичен договор што дополнително ќе ја зајакне британската економија“.

Осврнувајќи се на можноста за целосно повторно зачленување во блокот, Бурнам рече: „Другите прашања за кои зборувате – тие се за некој друг ден“.

Коментарите на премиерот претставуваат значителна промена во реториката во споредба со времето на неговиот претходник Кир Стармер, кој вети дека ќе направи „Брегзит“ да „функционира“ и постави строги „црвени линии“ за да го зачува договорот постигнат од Борис Џонсон.

Некои членови на партијата на Бернам, вклучително и поранешниот лидер Нил Кинок, побараа лабуристите да ја вклучат заложбата за повторно зачленување во својата следна изборна програма. Други, пак, сметаат дека тоа би претставувало изборен ризик или предавство на резултатот од референдумот.

Самитот меѓу Обединетото Кралство и ЕУ, што го спомена премиерот, првично беше закажан за јули, но беше одложен по промената на премиерската функција во Обединетото Кралство.

Сепак, Брисел и Лондон сè уште немаат одредено нов датум за средбата, поради несогласувањата околу протекционистичките мерки на ЕУ „Произведено во Европа“ и сложеното прашање за школарините за студентите од ЕУ кои студираат во Британија. „Имаме одредени загрижености во врска со иницијативата ’Произведено во Европа‘, бидејќи тоа е нешто што би можело да влијае врз британската индустрија и британските синџири на снабдување“, рече Бернам, додавајќи дека ќе разговара за ова прашање кога ќе се сретне со претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во Обединетите нации во вторник.

Бернам им изјави на новинарите во авионот дека „Брегзит“ ќе биде дел од неговиот говор на Генералното собрание на ОН. Тој навести дека ќе го поврзе тоа прашање со други глобални предизвици.

„Можеби Британија може да каже дека, во однос на политиката од поново време, ние сме ги почувствувале тие турбуленции пред другите. Мораме појасно да препознаеме каде надворешните сили, односно нашите непријатели, се обидуваат да манипулираат со јавното мислење и чувствата за да ги остварат своите интереси, а не нашите“, рече тој.