Бектеши: Правиме напори и стратегии за мерки кои ќе влијаат на подобрување на економската едукација во земјата

„Министерството за економија и Владата, почнувајќи од блиската соработка со универзитетите, прават напори и стратегии за различни мерки кои ќе влијаат на подобрување на економската едукација во Република Северна Македонија, особено во услови на криза, имајќи во предвид дека не само РСМ туку и други земји од регионот и светот се соочуваат со покачувањето на цените и енергетската криза и многу е важно почнувајќи од домаќинствата, нашите семејства, но и на највисоките нивоа да имаме што повеќе информации во справувањето со економската криза, со единствена цел да се одржи стандардот на граѓаните, но и да се влијае врз економскиот развој на државата“ – кажа министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната конференција #ECONLIT2023 за економската едукација, организирана од Институтот Либерална Алтернатива во соработка со Economic Fundamentals Initiative од САД.

Бектеши истакна дека ваквите иницијативи секогаш ќе имаат поддршка од Министерството за економија и Владата и токму оваа соработка треба да се продлабочува и со другите институции кои ќе влијаат на едукацијата на пошироката јавност, а не само на оние кои директно се занимаваат со економските прашања.

„Во рамките на приватно-јавниот дијалог што функционира во Влада, каде што учествуваат академици и економски експерти, дури и за време на пандемијата и енергетската криза, сите мерки, сите владини политики се направени во целосна координација со академските институции, универзитетите, стопанските комори, и целта на Министерството за економија е оваа соработка да продолжи и да се продлабочува со единствена цел да им се помогне на домашните компании, но и на ваквите иницијативи кои индиректно ќе влијаат на таквата едукација која ќе има позитивно влијание и во однос на граѓаните во земјата“ – рече Бектеши.