Бектеши: Останувам на тоа што сум го кажал – струјата ќе поскапи до 10%

Крешник Бектеши – македонскиот министер за економија денеска го повтори ставот. Тој смета дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10%.

„Јас останувам на тоа што сум го кажал и ќе чекаме до крајот на месецот да видиме каква ќе биде одлуката на РКЕ. Ние сме ги направиле сите анализи, и не само јас како министер за економија и другите институции биле вклучени – енергетските компании како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто“ – изјави Бектеши.

Тој вели и дека ќе ги поттикнуваат граѓаните да штедат електрична енергија.

„Тие што се најранливи можеби ќе имаат и намалување во делот на електричната енергија од јуни наредната година, а тие што прават потрошувачка над еден мегават и повеќе од еден мегават што е многу, и тие најверојатно се многу богати семејства што трошат толку многу електрична енергија, за нив ќе се зголеми дополнително цената. Ова го зборувам за јуни имајќи во предвид дека двапати годишно ние носиме одлуки за утврдување на цената на електрична енергија“ – вели Бектеши.