Бектеши: Нема место за паника, ќе нема ценовни шокови, имаме доволно стокови резерви

Нема место за паника, нема да има притисок врз цените, ниту ќе има ценовни шокови. Земјава има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Моментно нема потреба да се стават во фунција, имајќи предвид и дека производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви“. Ова денеска го изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој апелира сите трговци да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи зашто од неа, како што истакна, нема никој да загуби и највеќе ќе добијат потрошувачите, односно граѓаните на државата.

Според Бектеши, анализите покажуваат дека руско-украинскиот конфликт директно не би влијаел врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската рамзнеа.

„Кризата индиректно може да влијае, посебно во делот на енергенсите зашто директно сме поврзани со над 70 отсто од трговската размена со ЕУ, но ги преземаме сите соодветни мерки на дневна основа за да нема ценовни шокови, посебно за клучните производи кои се најважни за потрошувачите и нашите граѓани“ рече тој

Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало стапи во сила денеска, а минатиот вторник ја донесе Владата по предлог на Министерството за економија.

Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.