Бектеши: И Владата да ја ревидира одлуката, согласно законските прописи концесиите пак ќе мора да се спојат
Спојувањето на концесиите на рудникот Иловица-Штука не значи автоматска дозвола за експлоатација, а дури Владата и да ја ревидира одлуката, согласно законските прописи концесиите пак ќе мора да се спојат, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој се врати од пат во САД и најпрво не пред Владата туку пред медиумите на брифинг објаснуваше зошто е побарано и одобрено спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато од компанијата Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, за рудникот Иловица. Тврди дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд.
„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши.
Тој пред новинарите го презентираше целиот процес за добивање две концесии за Иловица. За првата постапката започнала во 2005 година а завршила со потпис на концесија од тогашниот министер Зоран Ставревски во 2012 година. Но, откако фирмата во 2016 год побарала дозвола за експлоатација што е финален чекор, министерството за економија во 2019 во време на Бектеши како министер, ја одбиле фирмата со образложение дека документацијата е некомплетна.
Иницијативата за втората концесија била отпочната во 2009 год, ги поминала исто така сите фази и позитивни мислења од Министерството за животна средина, за Транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за земјоделство, Општините Босилево и Ново Село и одлуката за давање на концесија била потпишана од тогашниот премиер Никола Груевски во 2015 година. Кога повторно во Министерството за економија било побарана дозвола за експлоатација повторно во 2019 год било донесено решение дека документацијата е некомплетна.
Во меѓувреме во два наврати фирмата побарала да се спојат двете концесии и тоа во 2018 и во 2019, но по предлогот за спојување немало одлуки. Токму тоа вели Бектеши дека е причина што сега во 2023 та Управниот суд донел одлука дека мора да се одлучува по барањето за спојување на двете концесии.
Министерот за економија не кажа конкретно пред новинарите, зошто на седницата на кога цела влада гласаше за соединување на концесиите тој како министер предложил итно носење на оваа одлука, а останатите како што рекоа без да знаат за што се работи, гласале.
„Не успеав да се слушнам со колегите, но целосно ги отфрлам сите тврдења кои деновиве ги видов во медиумите. Во сите документи имаа увид преку системот е-влада, ден претходно. Со никој од нив не сум во нарушени односи и во вторник на седница се ќе им презентирам, и додатно ќе им ја доставам хронологијата за тоа како е дојдено до концесии. Итноста на точката е заради други предмети кои ги имаме во моментов, а се наоѓаат пред меѓународна арбитража, но не можам да откривам детали за да не наштетам на постапките“, рече Бектеши.
Владата на 27 јуни гласаше двете концесии да бидат споени – едната концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село. Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста, особено од активистите кои се борат против отворање на рудник во струмичко и сметаат дека драматично ќе ја загрози животната средина, по што неколку министри од Владата најавија ревидирање на оваа одлука