Бекер: Во затвор плачев поради Ѓоковиќ

Поранешниот најдобар тенисер на светот, Борис Бекер, денеска му се заблагодари на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ за поддршката што му ја дал додека беше во затвор во Британија и додаде дека го смета Ѓоковиќ „веројатно најдобриот играч на сите времиња“.

За време на претставувањето на документарниот филм на Берлинскиот филмски фестивал за неговите играчки успеси и тешкотиите на кои наишол по кариерата, поранешниот германски тенисер откри дека Ѓоковиќ секогаш бил покрај него.

„Ѓоковиќ стана член на семејството. Знаете дека имавме долгогодишна професионална соработка и дека ја прекинавме во 2016 година. Но, секогаш бевме блиски, особено за време на мојот притвор. Тој ме поддржуваше и го поддржуваше моето семејство. Кога ја освои титулата, почнав да плачам“, изјави Бекер, кој настапот на Новак на Вимблдон го следел од затвор.

Бекер му беше тренер на Ѓоковиќ од 2013 до 2016 година. Ѓоковиќ потоа освои шест Грен слем титули, а досега вкупно 22.

Во тој документарец Ѓоковиќ истакнува дека ја добил „менталната сила“ потребна за да игра под притисок на Бекер.

„Многу сум горд на фактот што веројатно еден од најдобрите играчи на сите времиња е дел од приказната за мене“, изјави Бекер.

Бекер помина 30 месеци во затвор во Британија поради кршење на правилата за банкрот со прикривање на имот од околу 3,1 милион долари за да избегне плаќање долгови.