Министерството за здравство денеска информираше дека предвремено роденото женско бебе по цели 67 дена поминати на Клиниката за гинекологија во Скопје денеска заминува дома.
Бебето по име Бехра родено на 8. октомври, предвремено, во 29-та гестациска недела, со тежина од само 665 грама и должина од 30 сантиметри денеска го испишаа со тежина од 2.190 грама.
„Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеци и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив. Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имаше комплексен третман, а поради проблеми со дишењето беше и на механичка вентилација. Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и за цело време имаше добар одговор на комплексните третмани кои му се даваа на неонатолошките интензивни оделенија на Клиниката. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот. За среќа, во рамки на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално“ – информираат од МЗ.