ЕСМ достави понуда на тендерот на ЕВН Хоум, 13,6% повисока од онаа за периодот јули-декември 2021 година

ЕСМ достави понуда до Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум за задоволување на 100 отсто од планираните потреби за тарифните потрошувачи за првата половина на наредната година.

Понудата, според информациите, што ја доставија на петтиот тендер на ЕВН Хоум изнесува 41 евро за мегават час електрична енергија и е за 13,6 отсто повисока од понудата за периодот јули-декември 2021 година.

„ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на денешните тендери за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на своите потрошувачи за периодот јануари-јуни 2022, доби понуда само од АД ЕСМ. АД ЕСМ и на двата тендери (за 60 проценти и 40 проценти од вкупните планирани потреби) преку електронски аукции му понуди на ЕВН Хоум како Универзален снабдувач купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават час“ – потврдуваат од ЕВН Македонија.

Од ЕСМ додаваат дека ќе ги покријат вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците во првата половина од 2022 година.

„Добиената купопродажна цена е за 13,6 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за набавка на електрична енергија за периодот јули-декември 2021 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 36,1 евро за мегават час за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоум како Универзален снабдувач“ информираат од ЕВН Македонија.