Ахмети: 2 Август е потсетник дека слободата не се гради врз надмоќта на едни над други – повторно се враќа логиката на доминацијата

-2 Август нѐ потсетува на еден од најблагородните идеали на нашата заедничка историја – уверувањето дека слободата не се гради врз надмоќта на едните над другите, туку врз еднаквоста, почитта и соживотот. Духот на Крушево беше повик за држава во која Албанците, Македонците и сите заедници ќе ја споделуваат одговорноста и заедничката судбина, се наведува во честитката од претседателот на ДУИ, Али Ахмети по повод Денот на Републиката – 2-ри Август.

-2 Август нѐ потсетува на еден од најблагородните идеали на нашата заедничка историја – уверувањето дека слободата не се гради врз надмоќта на едните над другите, туку врз еднаквоста, почитта и соживотот. Духот на Крушево беше повик за држава во која Албанците, Македонците и сите заедници ќе ја споделуваат одговорноста и заедничката судбина, се наведува во честитката од претседателот на ДУИ, Али Ахмети по повод Денот на Републиката – 2-ри Август.

„За жал, повеќе од еден век подоцна, наместо да му се приближуваме на тој идеал, ние се оддалечуваме од него. Наместо партнерство, повторно се враќа логиката на доминацијата, а наместо инклузивност, се продлабочува исклучувањето. Албанците сѐ повеќе се маргинализираат во државните институции, администрацијата, дипломатијата, безбедносниот сектор, правосудството, образованието, културата, здравството, економијата и во процесите на одлучување што ја определуваат иднината на државата.

Охридскиот мировен договор, како современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, се соочува со постојани обиди за негово поткопување. Нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмот што гарантираше правична и соодветна застапеност, нападите и слабеењето на механизмот за заштита од мајоризација, непочитувањето на реалноста утврдена со пописот на населението, селективната правда и промовирањето на моноетнички концепт на државата се сериозни сигнали за насоката во која се движи земјата.

Уште позагрижувачки е фактот што овие политики се овозможуваат со поддршка од одредени албански претставници, кои наместо да ја бранат волјата и достоинството на граѓаните што тврдат дека ги претставуваат, избраа потчинување пред власта. Без легитимитет од народот и без храброст да го бранат националниот интерес, тие не можат да бидат гласот на еднаквоста.

Сепак, определбата на Албанците не е променета. Ние избравме заедничка, унитарна, демократска и европска Северна Македонија, во која никој не се чувствува помалку вреден од другиот и во која државата подеднакво им припаѓа на сите нејзини граѓани. Тоа е патот што води кон праведна држава, цврсто втемелена во НАТО и интегрирана во Европската Унија.

На овој симболичен ден, да се потсетиме дека иднината не се гради со поделби, страв или исклучување. Таа се гради така што оваа држава ќе ја гледаме не како сопственост на едните или на другите, туку како наша заедничка татковина. Само врз темелите на еднаквоста, меѓусебната почит и искреното партнерство можеме да изградиме силна држава и сигурна иднина за сите“ стои во честитката на Ахмети.