Арсовска тврди – има грешки во проектот за Универзалната сала, од СДСМ велат – Данела лаже!

Вистината е дека поради грешка во проектната документација, продолжувањето со истиот интензитет на какви било градежни активности предвидени со првичниот проект за реконструкција на Универзална сала значи опасност по безбедноста на граѓаните“. Ова денеска на прес-конференција го изјави градоначалничката на Град Скопје – Данела Арсовска.

Според неа, има грешки кои се детектирани во проектот – наместо планираните столбови од последното решение, детектирано е и дека тоа треба да се зајакне со два дополнителни носечки столбови.

Арсовска тврди дека тоа не се единствените проблеми и детектирани недоследности на проектот.

„На 6. јули 2021 година е изготвен записник во кој што јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект за која што постои проблем во нејзината дислокација. Претходното раководство свесно за проблемите продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата. Во текот на месец август се изготвени нови записници и тоа 6, 7 и 8, од 10.08.2021, 17.08.2021 и 24.08.2021, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во истата, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи“ – изјави Арсовска.

На 7-ми октомври минатата година, дополни градоначалничката, одржан е состанок во Град Скопје, на кој покрај претставници на фирмите проектант, изведувач и надзор на градежните активности присуствувале и тогашниот секретар на Град Скопје и секторски претставници кои заклучиле дека постојат сериозни технички проблеми и недостатоци во процесот на реконструкција на Универзална сала, за што е потребно да се направат измени во проектот. Потенцира дека оваа одлука е одбиена од страна на Општина Центар и не е издадено решение за измени во тек на градење, при што е побарано да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција на Универзална сала.

„На 12.10.2021 со записник број 16 надзорниот инженер дал препорака да се срушат или демонтираат конструктивните елементи, кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно извештајот од Заводот за испитување материјали (ЗИМ), а да се демонтираат и челични елементи кои се кородирани на споевите и се проценети како несигурни и опасни за безбедноста на објектот. Затекнатата состојба на терен во однос на тоа како се трошеле средствата донирани од Владата за реализација на овој проект која обезбедила 120 милиони денари, укажува на непланско и несоодветно искористување на средствата, без притоа да имаат целосна техничка документација и дополнително да се осигураат дека овој објект ќе биде безбеден да може да се користи и дека еден ден нема да се сруши додека има полна сала граѓани внатре“ – рече таа.

Од владејачката СДСМ велат дека „Данела Арсовска веќе не знае како да се брани заради својата неспособност и започнува со целосни лаги да го правда своето неработење“.

„Откако го стопираше проектот за иградба на Универзална сала и двомесечен молк за причините заради кои го стопирала проектот, денес излезе со целосна лага во јавноста. Целосно е неточно дека проектот за изградба на Универзална сала е небезбеден. Проектот е професионално сработен и одобрен низ повеќе постапки од стручни лица и целосно е безбеден. Самиот проект уште на почетокот е пратен на мислење на Градежен факултет од каде е одобрен и тоа одобрување Град Скопје го има. Понатаму, Пратен и одобрен и од Институтот за сеизмолошки истражувања со што се потврдува неговата безбедност и стабилност за градба. Надзорот на изградбата ги има исто така одобрено сите градежни зафати. Не постои ниедна постапка или процедура за изградба на Универзална сала која не е запазена во целост. Записници за технички решенија во тек на градба не се и не може „градежен безбедносен проблем“ да бидат оправдување за неспособноста на Арсовска“ велат од СДСМ.