Андоновски го отвори првиот технолошки парк во Македонија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на отворањето на првиот технолошки парк во Македонија — N99 Deep Tech Park, простор кој има за цел да ги поврзе технологијата, иновациите, науката, стартап-заедницата и институциите во заеднички екосистем за развој, се вели во денешното соопштение од Министерството за дигитална трансформација, што МИА го објавува интегрално.  

N99 Deep Tech Park е замислен како современ центар за поттикнување на нова технолошка револуција, со фокус на вештачка интелигенција, deep tech, роботика, сајбер безбедност и практична примена на иновациите. Паркот треба да претставува место каде што студентите, истражувачите, претприемачите, компаниите и институциите ќе можат да соработуваат, да развиваат решенија и да создаваат технологии со домашна вредност и глобален потенцијал.

Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека отворањето на ваков простор е значаен чекор за развојот на македонскиот технолошки и иновациски екосистем.

„Во време кога државите се натпреваруваат преку знаење, иновации и технолошки капацитет, создавањето на ваквите простори е многу повеќе од инвестиција во инфраструктура. Тоа е инвестиција во идеи, талент и иднина. Она што особено ме охрабрува е што оваа иницијатива е водена од домашна визија и претприемништво“, порача министерот Андоновски.

Тој нагласи дека ваквите иницијативи се важни за создавање средина во која технолошките компании ќе можат да растат, стартапите ќе можат да се развиваат, а младите и талентирани луѓе ќе добијат можност своите идеи да ги реализираат дома.

Отворањето на N99 Deep Tech Park е дел од пошироката стратешка рамка на Министерството за дигитална трансформација за градење модерна, иновативна и безбедна дигитална држава. Ваквите проекти се во линија со приоритетите на Националната ИКТ стратегија на Министерството за дигитална трансформација — СМАРТ/МК, како и со Стратегијата за сајбер безбедност 2025–2028, преку кои се поставуваат насоките за развој на дигиталната економија, јакнење на технолошките капацитети, поддршка на иновациите и создавање безбедна дигитална средина.