Албанец осуден во Британија за водење бордел избегна депортација, го оцениле како „умен“ млад човек

Албанец кој беше осуден во Лондон за водење бордел, избегна депортација од Велика Британија бидејќи судијата оцени дека е „умен и вреден“ млад човек.

Инаку, Кристијан Кодра (25) е осуден на две години затвор за раководење со криминална организација која се занимавала со шверц на кокаин и проститутки.

Како што пишува Дејли Мејл, во врска со неговиот случај се споменувало и името на рагби ѕвездата Лоренс Далиал, кој наводно го посетил борделот на Кодра.

Криминалната банда на овој Албанец заработила најмалку 460.000 евра за шест месеци пред полицијата да изврши рација во куќа во центарот на Лондон, во јули 2019 година.

Обвинителството се обиде да утврди дека профитот на борделот е резултат на проституција и анализираше различни трансакции, вклучувајќи ги и оние поврзани со познатиот рагбист. Неговото име се појави кога детективите прегледале 180.000 трансакции.

И покрај осудите на Кодра за водење бордел, поседување на незаконски стекнат имот и лажни лични карти, му било кажано дека може да остане во Британија.

Судијата ја усвои жалбата за депортација врз основа на човекови права и рече дека „нема докази дека тој претставува опасност за јавноста“.

„Тој е бистар и вреден млад човек со потенцијал да придонесе многу за општеството. Тој има дом и поддршка овде. Тој би можел да работи. Верувам дека јавниот интерес не бара жалителот да биде депортиран од ОК” рекол судијата.

Кодра поднел барање за азил во Британија кога имал 15 години и му била одобрена ограничена дозвола за престој додека не побарал продолжување во 2017 година.