
АВМУ го запре преземањето на Наша ТВ и радиото РФМ од групација од Србија по реакциите во јавноста
Финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, откако СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за наводно зголемено влијание на српски медиумски групации во Македонија.
Финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, откако СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за наводно зголемено влијание на српски медиумски групации во Македонија.
Во исто време Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на Наша ТВ и радиото РФМ.
„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги преземаат потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности. Апелираме да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации“, се вели во реакцијата на Финансиската полиција
Ова следува откако СДСМ побара да се испита „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска претходно тврдеше дека преку повеќе медиумски и деловни структури се создава простор за засилено српско медиумско влијание и побара институциите да проверат дали при промените на сопственоста и работењето на странски медиумски компании се почитуваат македонските закони.
СДСМ ги поврза своите сомневања и со влезот на српски капитал во банкарскиот сектор, тврдејќи дека треба да се провери потеклото и движењето на парите, како и евентуалната поврзаност со медиумски инвестиции.
За влезот на групацијата „Ало“ во Македонија, пишуваат и српските медиуми. Според објавеното од Н1, ова претставува прво поголемо регионално проширување на оваа српска медиумска групација надвор од границите на Србија. Во моментов таа поседува два онлајн портали во Црна Гора. Таа во матичната земја е препознатлива по издавањето на дневниот весник „Ало“, како и порталот ало.рс. Нејзин доминантен сопственик е бизнисменот Саша Благоевиќ, кој го прошири своето медиумско портфолио со купување на белградското Студио Б, како и на 10 отсто од „Информер“. Двата медиуми се силна пропагандна алатка на власта на претседателот Александар Вучиќ и неговата партија СНС.