Шефот на српскиот тим за пристапување кон ЕУ: Нема формална одлука од Брисел за замрзнување средства

Шефот на српскиот оперативен тим за пристапување кон Европската Унија и главен преговарач, Даниел Апостоловиќ денеска изјави дека нема формална одлука за замрзнување на средствата од ЕУ за Србија.

Шефот на српскиот оперативен тим за пристапување кон Европската Унија и главен преговарач, Даниел Апостоловиќ денеска изјави дека нема формална одлука за замрзнување на средствата од ЕУ за Србија.

Во изјава за РТС, Апостоловиќ оцени дека Србија многу брзо и одговорно пристапила кон препораките на Венецијанската комисија за пакетот судски закони и дека нивното усвојување се очекува до крајот на мај во согласност со упатствата на Комисијата.

„Штом го добивме експертското мислење на Венецијанската комисија, Министерството за правда формираше работна група и ги повика сите надлежни институции да учествуваат. Имаме предлог-закони во кои се вградени препораки, а јавни расправи се планирани за 6 и 7 мај во Парламентот“, рече Апостоловиќ.

Тој додаде дека нацрт-законите ќе бидат испратени до Венецијанската комисија на 8 мај, по што, доколку добијат одобрение, ќе одат во Собранието на србија на усвојување.

Апостоловиќ рече дека Србија поднела барање за исплата на втората транша од средствата од фондовите на ЕУ и изјави дека средствата ќе бидат исплатени по исполнувањето на условите.

„Од претфинансирањето, веќе се исплатени 111 милиони евра, а првата транша од околу 55 милиони евра веќе ни е достапна за Планот за раст на Србија“, рече Апостоловиќ.

ЕУ бара од Србија целосно да ги спроведе сите препораки на Венецијанската комисија во врска со судските закони и во исто време да го суспендира спроведувањето на тие закони се додека не се изменат. Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави минатата недела дека Србија нема да добие финансиски средства од Планот за раст додека тие закони се во сила.

Спорните, таканаречени „Мрдиќеви закони“, усвоени во јануари оваа година, за ЕУ претставуваат чекор назад во процесот на интеграција на Србија кон Унијата, со предупредување дека ја ограничуваат независноста на судството.

Од средствата на Планот за раст, Србија има право на вкупно 1,588 милијарди евра за периодот помеѓу 2024 и 2027 година.

На 24 април, Венецијанската комисија оцени дека неодамнешните измени во сетот судски закони во Србија ги отстрануваат претходно постоечките заштити за автономијата на обвинителството. Тоа експертско тело на Советот на Европа издаде девет препораки до Србија за тоа како да се отстранат недостатоците.

Министерот за европски интеграции во Владата на Србија, Немања Старовиќ, изјави завчера дека препораките на Венецијанската комисија ќе бидат „целосно имплементирани“ и дискутирани на седницата на републичкиот парламент до крајот на мај.