Црна Гора и Хрватска денеска ги почнуваат преговорите за отворените прашања

Во Загреб денеска ќе се одржи првиот состанок на мешовитите комисии на Црна Гора и Хрватска, со што официјално почнуваат преговорите за решавање на отворените билатерални прашања меѓу двете земји.

Во Загреб денеска ќе се одржи првиот состанок на мешовитите комисии на Црна Гора и Хрватска, со што официјално почнуваат преговорите за решавање на отворените билатерални прашања меѓу двете земји.

Во фокусот на разговорите ќе бидат статусот на школскиот брод „Јадран“ и другите прашања поврзани со сукцесијата на воениот имот на поранешната државна заедница. Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, изјави дека Хрватска од Црна Гора, покрај бродот „Јадран“, бара и друг воен имот чија вредност, според него, надминува 2,7 милијарди долари.

Во изјава за Хрватската телевизија тој ги отфрли тврдењата дека станува збор за класични билатерални прашања со кои Хрватска се обидува да го блокира европскиот пат на Црна Гора.

„Како ќе гледаме на иднината на ЕУ ако Црна Гора, која е кандидатка, го игнорира првиот сосед и всушност не сака да ги реши овие прашања“, рече Грлиќ Радман.

Црна Гора и Хрватска подолго време имаат повеќе отворени прашања. Покрај бродот „Јадран“ и сукцесијата на воениот имот, меѓу нив се и разграничувањето на море, прашањето за отштета на поранешните затвореници во логорот „Морињ“, пронаоѓањето на исчезнатите од војните во 1990-тите, процесуирањето на воените злосторства и одделни имотноправни прашања.

За разграничувањето меѓу двете земји е предвиден посебен преговарачки формат, додека денешниот состанок во Загреб треба да ги отвори конкретните разговори за воениот имот и сукцесијата.

Прашањето за бродот „Јадран“ со години е едно од најчувствителните во односите меѓу двете земји. Хрватска бара враќање на бродот, додека Црна Гора го смета за дел од својата воена и поморска традиција.