
Уставните судии си ги зголемија платите за најмалку 200 евра од 1 октомври со укинување на намалените коефиценти
Претседателот и судиите во Уставниот суд на Република Северна Македонија од 1 октомври оваа година ќе земаат повисоки плати од оние што во моментов за нив ги предвидува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата.
Претседателот и судиите во Уставниот суд на Република Северна Македонија од 1 октомври оваа година ќе земаат повисоки плати од оние што во моментов за нив ги предвидува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата.
Ова следува откако уставните судии ги укинаа измените на Законот од февруари годинава кои се однесуваат на нив, а со кои беа намалени коефициентите за пресметка на платите на сите функционери.
Нивната плата ќе се пресметува според законските одредби од 2024 година, кога коефициентите беа повисоки.
„СЕ УКИНУВААТ член 14 во делот „претседател на Уставниот суд на Република Македонија,“ и член 15 во делот „судија на Уставниот суд на Република Македонија,“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990; „Службен весник на Република Македонија” бр.44/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.51/2023, 65/2023, 51/2024, 272/2024 и 39/2026)“, се вели во точката 1 од одлуката.
Во точката по неа се наведува дека укинатите деловите од одредбите од Законот ќе престанат да важат на 1 октомври 2026 година.
Според третата точка, од 1 октомври пресметката на платата на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се врши според коефициентите од измените на Законот донесени во 2024 година.
Собранието кон крајот на февруари годинава донесе измени на Законот со кој ги намали платите, односно коефициентите за пресметување на платите на избраните и именувани лица. Во членот 14, кој го опфаќа и претседателот на Уставен суд, коефициентот беше намален од 3,08 на 2,81. Во членот 15, кој се однесува на судиите во Уставниот суд, оваа ставка односно коефициент се намали од 2,85 на 2,60.
Од 1 октомври годинава платите на претседателот и на членовите на Судот ќе се пресметуваат според „старите“ коефициенти, за претседателот ќе се зема коефициентот 3,08, а за членовите судии на Уставен 2,85.
За пресметка на платата на избраните и именуваните лица во Македонија се зема просечната бруто плата помножена со коефициентот. На таа сума се додаваат додатоците за минат труд во зависност од стажот и потоа се одземаат придонесите за социјално и пензиско осигурување.
Грубата пресметка за претседателот на Уставен суд вели дека со коефициентот 3,08 се множат 70.000 денари просечна бруто плата за декември 2025 година и тоа изнесува 215.600 денари. Ако на ова се додаде и стажот на претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски кој според официјалната биографија е во работен однос од 2001 година, односно по 0,5 проценти за секоја година (12,5%), се добива сума од 242.550 денари бруто.
Овој износ се намалува за 32,33 проценти колку што секој вработен издвојува за плаќање социјални и пензиски придонеси, односно во овој случај за околу 78 илјади денари. По намалувањето, платата на претседателот на Уставен суд би била 164 илјади денари.
Платата на судиите во Уставен пак се пресметува со коефициентот 2,85 односно почетната бруто плата би била 199.500 денари. Без додатоци и минат труд, платата на уставните судии од 1 октомври би била 135.000 денари.
Судот аргументира дека уредувањето на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд под ист нормативен режим со другите носители на јавни функции е суштествена повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
„Во околности на непостоење на посебен Закон за Уставниот суд поради отсуството на уставен основ за донесување ваков закон, неспорно е дека уредувањето на платите на судиите на Уставниот суд е materiae legis, односно прашање што е во исклучив домен на законодавната власт и законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучувајќи ги и платите на носителите на јавните функции, меѓу кои се и судиите на Уставниот суд. Но, притоа законодавецот не може и не смее да ја игнорира уставната поставеност на Уставниот суд и уставните судии кои имаат најцврсти можни гаранции за нивната независност и самостојност.
Имајќи го предвид фактот дека од содржината на членовите 14 и 15 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, произлегува дека коефициентот за утврдување плата на претседателот на Уставниот суд е ист со коефициентот на потпретседателот на Собранието, додека коефициентот за утврдување плата на судија на Уставниот суд е ист со член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народната банка, државниот правобранител, народниот правобранител, секретарот на Собранието и секретарот на Владата, несомнено произлегува дека со наведените одредби платите на претседателот и судиите на Уставниот суд се уредуваат во ист нормативен режим и со иста законска логика како платите на другите носители на јавни функции од законодавната, извршната, монетарната власт итн“, се вели во образложението на Уставен.
Преземено од Фокус