
Трамп ѝ порачува на Франција да ги затвори границите
Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалните мрежи ги коментираше насилните протести во Франција. „Франција гори!“, напиша Трамп на платформата „Truth Social“, поврзувајќи ги немирите со „имиграцијата на луѓе од сосема поинаков свет“.
Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалните мрежи ги коментираше насилните протести во Франција. „Франција гори!“, напиша Трамп на платформата „Truth Social“, поврзувајќи ги немирите со „имиграцијата на луѓе од сосема поинаков свет“.
„Затворете ги границите и преземете контрола додека не е предоцна!“, порача американскиот претседател. Франција моментално се соочува со едни од најнасилните немири видени во последните години.
Протестите низ Франција – поттикнати од високите цени и состојбата со јавните услуги – прераснаа во безредија, при што еден демонстрант загина, илјадници беа уапсени, а стотици полицајци беа повредени.
Насилни групи се судрија со полицијата во градови низ цела Франција. Според француските власти, за време на протестите биле уапсени најмалку 1.800 лица, од кои 855 во пошироката област на Париз. Официјалните лица проценуваат дека во протестите учествувале околу 550.000 луѓе, додека организаторите тврдат дека бројката била поблиску до 800.000. Повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари се здобиле со повреди.
Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва во 20 часот ѝ се обраќа на нацијата во врска со ескалацијата на насилството. Пред обраќањето, тој ќе одржи итен состанок со високи владини претставници. „Оние кои учествуваа во уништување, нападнаа владини канцеларии и деловни објекти, или ограбуваа градски институции, ќе бидат кривично гонети и казнети“, напиша тој на социјалните мрежи.