
Сиљановска – Давкова: ЕУ демонстрира немоќ кон кандидатите за членство, додека покажува моќ во понудата за Канада
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Салцбург имаше остро обраќање за Европската унија, во кое дури и забележа што таа ѝ понудила придружно членство на Канада, а ги остава земјите кандидати од регионот на чекање. Додека не ги исполнат условите.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Салцбург имаше остро обраќање за Европската унија, во кое дури и забележа што таа ѝ понудила придружно членство на Канада, а ги остава земјите кандидати од регионот на чекање. Додека не ги исполнат условите.
Таа го повтори ставот на властите дека ниедна европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар како Македонијанас: ги променивме државното знаме, уставното име и усвоивме 36 уставни измени, повеќето диктирани од надвор. Сиљановска зборуваше на Европскиот самит во Салцбург, на сесијата на тема „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“
Таа говореше за иднината на европскиот проект, стратешките предизвици со кои се соочува Европската унија и потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан како прашање за кое Унијата има целосна контрола и одлучувачка моќ.
„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи. Членот 4(2) од Договорот за ЕУ ја обврзува Унијата да ги почитува еднаквоста на државите членки и нивните национални идентитети вградени во нивните основни политички и уставни структури. А сепак, во нашиот случај, уставната промена условена од билатерален историски спор се претставува како тест за нашиот демократски капацитет“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, заострената реторика покажува колку бргу регионот може да назадува кога европската перспектива станува нејасна. Таа посочи дека единствената сила што може да ги смири балканските духови и да го придвижи регионот напред е кредибилна перспектива за членство во ЕУ.
„Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави (Канада – н.з.) Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ“, истакна претседателката.
Таа нагласи дека проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки.
„Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“, истакна претседателката.
Сиљановска во говорот се осврна на големиот австриски писател Штефан Цвајг кој во познатата книга „Вчерашниот свет“ зборуваше за пропаѓањето на Европа пред Првата светска војна поради алчноста на големите земји за нови територии. Таа на одреден начин ѝ забележа на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што не го споменала зборот проширување во нејзиното годишно обраќање.
„Дали знаете колкупати претседателката на Европската комисија, госпоѓата Урсула фон дер Лајен, го спомна зборот проширување во својот последен говор за Унијата? Ниту еднаш. Се разбира, таа нагласи дека иднината на Украина, Молдавија и на Западен Балкан е во Унијата. Но, се воздржа да го употреби зборот проширување“, рече Сиљановска.
И го постави прашањето: „Како Унијата ќе нѐ мотивира да се реформираме, да соработуваме, да бидеме отпорни на трети центри, без проширувањето?“
Според неа, наместо катализатор за реформи, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхашките критериуми.
Осврнувајќи се на реформите на проширувањето, претседателката укажа на три суштински промени – прво, системот на заслуги мора да биде заштитен. Ако една земја ги исполни објективните критериуми, не смее друга земја да го запре нејзиниот технички напредок поради прашање што не е дел од европските критериуми.
Второ, членството не смее да создава Европа од прв и втор ред. Заштитните механизми може да бидат легитимни, но мора да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени. Целта на реформата не може да биде создавање трајна хиерархија меѓу членките. И, трето, постепената интеграција може да донесе реални придобивки уште пред полноправното членство, но само ако води кон членство, а не кон трајна замена за него.
Во изјава за новинарите, пак, по обраќањето на самитот, претседателката рече дека земјава заслужува да оди кон ЕУ директно, а не преку соседите, од кои очекува повеќе разбирање.
– Сакаме да бидеме таму каде што заслужуваме да бидеме. Зошто? Поради Копенхашките критериуми. Затоа, да одиме кон Копенхаген – директно, а не преку некои од градовите на нашите соседи. Ова го велам затоа што сметам дека, пред сè, треба да бидеме разбрани од нашите соседи, изјави Сиљановска Давкова.
Претседателката зборуваше во истиот ден кога бриселски „Политико“ објави дека ЕУ подготвува патокази за идното членство за Црна Гора, Молдавија, Украина и Албанија. Македонија е оставена на страна и е сега е сместена во групата со Босна и Херцеговина и Косово.