
Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, вечер во 19 часот, ќе се одржи централниот настан од деветото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Програмата ќе ја води Александра Јуруковска, која ќе ги претстави најважните карактеристики на годинешниот конкурс, посветен на одбележувањето на 95 години од раѓањето на македонскиот поет Анте Поповски.
Во рамки на настанот ќе бидат одбележани и 30 години од објавувањето на книгата есеи „Окото, светлините“, како и 25 години од објавувањето на поетското дело „Света песна“ од Поповски.
За естетските вредности на делата на годинашните добитници на традиционалните поетски награди „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“ ќе говори д-р Атина Цветаноска, член на жири-комисијата.
По обраќањето ќе следи врачувањето на наградите, а публиката ќе има можност да проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинешните лауреати и авторите кои беа селектирани во потесниот избор за наградите.