
Државниот јавен обвинител Ненад Савески не ги нашол фиоките полни со предмети што некои обвинители наводно ги чувале за да застарат, а за кои повеќепати јавно зборуваше премиерот Христијан Мицкоски и заради што наводно беше сменет неговиот претходник. За волја на вистината, Савески уште кога дојде на функцијата порача дека нема фиоки во Обвинителството и уште веднаш се ослободи од хипотеката околу оваа изјава.
Савески, исто така, соопшти дека не знае од каде ја добил премиерот Мицкоски информацијата за наводни 80 кривични пријави за кои не се постапувало, што ја кажа на митинг споменувајќи го случајот со модуларната болница, вакцините за Ковид и слично од време на претходната власт. Тој потврди дека нема ни обвинителска одлука околу тврдењето на Мицкоски дека бил следен од институциите додека беше во опозиција, а предметот сѐ уште е во фаза на истрага.
И за силните криминали на Артан Груби испадна дека сега се истражуваат, иако пораките беа дека се видливи безмалку од Месечината, па веќе четврти месец тој е во притвор, а сѐ уште не е испрашан во Обвинителството кое собира докази и предметот е во истражна постапка. Со оглед на тоа дека притворот на Груби истекува за два месеци, Савески најави дека, ако треба, ќе се продолжи за уште шест месеци.
Сѐ уште нема обвинение ни за случајот со модуларната болница, а со години нема ни за случајот со Еуростандард банка, кои и натаму се во фаза на истрага. Околу претставките дека се задржувале предмети за да застарат, Савески сепак соопшти дека се прави контрола во сите обвинителства, но досега не му било реферирано дека некој од обвинителите неосновано одолговлекувал постапка. Тој повторно нагласи дека Обвинителството нема да се води според изјави на функционери, односно нема да покренува случаи затоа што некој од нив тоа го побарал, туку ќе се води според законите.
На прашањето од новинар дали конечно се најде стручњак во државава што ќе го прочита резултатот за квалитетот на увезениот мазут и евентуалната штета што тој можел да ја предизвика за јавното здравје, Савески ја објасни постапката според која ЈОРМ има обврска прво да побара експерт од листата на формално утврдени експерти во Министерството за правда, а откако се видело дека нема таков, вториот законски чекор бил да побараат експерт во научно-образовните институции – и тоа барање сѐ уште трае, иако експертот и јавно се понудил. Според обвинителот, со него веќе оствариле контакт, но чекаат формален одговор од институцијата во која работи.
Темата стана незгодна кога стана јасно дека одлуката за случајот „Мазут“ по приговорот на ЕСМ треба да ја донесе вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, или како шпто пластично објаснија новинарите, „обвинет обвинител“ ќе решавата за предмет и тоа откако имало пријави дека местел предмети и вршел притисоци за нив. По забелешката дека некако „сѐ нему му се паѓа“ да разгледува контроверзни случаи, Савески одговори дека Цветановски веќе не е во позиција да распределува предмети (не бил ни претходно, па ги местел) и дека е повлечена одлуката за негово суспендирање, така што нема основа врз која не треба да му се дава да работи, иако потврди дека едно обвинение му е повлечено, но сепак има друго активно.
Савески најави дека најдоцна во рок од 30 дена Цветановски треба да одлучи дали да го врати предметот „Мазут“ или да ја прифати одлуката на обвинителката Коларевиќ која го повлече поради немање докази. Лично, нагласи тој, ја поддржува Коларовиќ бидејќи подобро е да се повлече предметот ако нема докази, отколку да се ослободат тие што се осомничени.
Тој најави дека Обвинителството ќе ја чека одлуката од Вишото јавно обвинителство па ќе реши дали и кога да направи контрола во ЕСМ. Тој немаше информации ни на што се засноваат силните изјави на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, дека „јавноста ќе се шокира“ од информациите што тој ги имал околу случајот, порачувајќи дека до нив досега нови информации не се воопшто доставени.
Преземено од Независен