Редици српски граѓани пред експозитурите на Алта Банка во обид да си ги извлечат парите

Редици српски граѓани застанаа пред експозитурите на Алта Банка во Србија од утринава, веднаш откако НБС и ја одзема дозволата за работа и побара стечај за банката поради влошена ликвидност.

Редици српски граѓани застанаа пред експозитурите на Алта Банка во Србија од утринава, веднаш откако НБС и ја одзема дозволата за работа и побара стечај за банката поради влошена ликвидност.

Пред два дена, адвокатот Иван Миниќ на социјалната мрежа „Икс“ објави дека поднел барање до Народната банка на Србија итно да иницира вонредна ревизија на работењето на „Алта банка“. Тој наведе дека поседува информации кои укажуваат на почеток на „интензивен и забрзан процес на префрлање средства во странство“ – конкретно на сметки и кон правни лица лоцирани во Москва и Скопје. За оваа банка е познато дека е блиска до Српската напредна странка.

Историјата на „Алта банка“ а.д. Белград чија дозвола утринава беше одземена од страна на Народна банка на Србија, е тесно поврзана со трансформацијата на поранешната Југословенска банка за меѓународна економска соработка (JUBMES), но и со деловниот подем на српската „Алта група“, која од бизнис со менувачници прерасна во деловен систем со интереси во банкарството, осигурувањето, градежништвото, недвижностите и угостителството.

„Алта банка“ е во целосна сопственост на компанијата „Алта груп“ д.о.о., која, пак, е во стопроцентна сопственост на српскиот бизнисмен Давор Мацура. Според медиумските написи, Мацура го започнал својот деловен пат преку развивање бизнис со менувачници, од каде што постепено го проширил работењето кон финансиските услуги и другите стопански дејности. Во средината на октомври 2026 година, неговото име повторно се најде во фокусот на регионалната јавност, откако црногорските власти му забранија влез во земјата. Српскиот неделник „Радар“ неодамна објави истражување за учеството на банката преку кредитен аранжман во бизнис-трансакција, во која било вклучено и ставање под хипотека на деловен простор во белградската Палата Албанија.

Пред одземањето на дозволата во Србија, како што пишува „Нова.рс“ „Алта Пеј“ (Alta Pay) – која работи во рамките на „Алта групацијата“ (заедно со „Алта банка“), им дала насоки на своите деловни партнери плаќањата да ги вршат преку нејзините сметки во други банки, конкретно во „Поштанска штедионица“ и „ОТП“ (OTP). Ова било невообичаено, со оглед на тоа што „Алта Пеј“ поседува сопствена инфраструктура за обработка на плаќања и има сметки во различни институции, вклучително и во самата „Алта банка“.
Всушност, „Алта Пеј“ ги насочила партнерите да ги заобиколат нејзините постоечки сметки во други банки, наложувајќи плаќањата да се вршат исклучиво преку двете споменати институции, пишува „Нова.рс“
Во последните години, „Алта банка“ реализираше некои од најголемите финансиски трансакции во Србија.

Меѓу нејзините клиенти се вбројуваат и државни претпријатија, кои обработката на плаќањата ја префрлиле од државната „Поштанска штедионица“ во оваа банка. Како позначајни примери се издвојуваат ЕПС (националното електроенергетско претпријатие), кое преку оваа банка врши наплата на сметките за електрична енергија, како и Авто-мото сојузот на Србија и јавното претпријатие „Паркинг сервис“ од Белград.