Никола Бабовски: Влашкиот народ никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности

Влашкиот народ на овие простори, но и во поширокиот европски контекст, никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности. Како автентичен, космополитски народ, низ вековите дадовме неповторлив придонес во економијата, занаетчиството, дипломатијата и културата. Нашата традиција е длабоко вткаена во темелите на оваа држава, за чиј напредок и слобода секогаш сме несебично соделувале, вели во свечената изјава по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, претседателот на Демократскиот сојуз на Власите Никола Бабовски.

-Денес, со гордост и длабока почит го одбележуваме 23-ти Мај – Националниот ден на Власите. Овој историски датум, кој не враќа во далечната 1905 година и султанскиот указ (Ираде) за признавање на влашкиот идентитет, е симбол на нашата вековна борба за зачувување на својот јазик, култура и посебност – вели тој.

Бабовски додава дека Власите не се само минато, тие се сегашност и иднина и денес како лојални граѓани се целосно интегрирани во модерните општествени и европски текови.

-Преку нашите успешни бизнисмени, интелектуалци, уметници и млади луѓе, продолжуваме да бидеме мост на поврзување, промотори на соживот и важен двигател на демократските процеси. Како претседател на Демократскиот Сојуз на Власите, порачувам дека нашиот фокус останува врз зачувувањето на уникатниот влашки јазик како европско културно богатство и унапредување на нашите права во едно модерно и праведно општество. Во име на Демократскиот Сојуз на Власите и во свое лично име, им го честитам 23-ти Мај на сите припадници на влашката заедница. Нека е честит и вековит Националниот ден на Власите! Ti multsã anji Dzua Natsionalã a Armãnjlor! – нагласува Бабовски.