
Муцунски: Ние ја затворивме темата со дипломатската нота, на потег е Бугарија
Македонија од официјален аспект ја смета за затворена комуникацијата со Софија во врска со дипломатската нота поврзана со семејството на премиерот Христијан Мицкоски и сега очекува соодветен одговор од бугарската страна, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Македонија од официјален аспект ја смета за затворена комуникацијата со Софија во врска со дипломатската нота поврзана со семејството на премиерот Христијан Мицкоски и сега очекува соодветен одговор од бугарската страна, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој истакна дека истрагата за случајот треба да ја спроведат надлежните институции во Бугарија, но воедно упати критики кон официјална Софија за начинот на кој се однесува кон целиот случај.
„Истрагата треба да се направи таму каде што најдобро знаат, нека се направи. Од официјална гледна точка, ние со Софија ја затворивме темата и очекуваме соодветен одговор од нивна страна. Според мене, не е во духот на добрососедството и пријателството да се каже дека станува збор за стара информација. Тоа не е добар пристап кога ја оспоруваме дипломатската комуникација“, изјави Муцунски.
Бугарското Министерство за надворешни работи минатата недела ги отфрли обвинувањата дека споделило дипломатска нота поврзана со патувањето на членови од семејството на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово, случај што предизвика нови тензии во односите меѓу двете земји.
„Бугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава“, соопштија тогаш од бугарското МНР.
Оттаму објаснија дека информациите што се појавиле во јавноста се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година, која се однесувала на претходни настани и, според нив, не може да се смета како доказ за непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на која било друга држава. Воедно нагласија дека строго ги почитуваат меѓународните правила за заштита на дипломатската кореспонденција.
Муцунски претходно информираше дека македонското Министерство за надворешни работи го повикало на разговор бугарскиот амбасадор поради протекувањето на дипломатската нота во јавноста. Како што рече, ниту амбасадорот, ниту бугарското Министерство за надворешни работи не понудиле објаснување за дипломатскиот пропуст.