
Мајката на Ѓоко Ристов сведочеше дека 350.00 евра се нејзини: Кога ќе ми останеше некоја паричка ќе ги пикнев во дупчето на циглата, кога ќе се стеснеше во друго
Во Кривичниот суд на денешното судење на апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочеше неговата мајка Донка Ристов. Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати. Првиот пат не било најдено ништо, но вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари.
Во Кривичниот суд на денешното судење на апелациониот судија Ѓоко Ристов, сведочеше неговата мајка Донка Ристов. Таа појасни дека во нивната семејна куќа биле извршени претреси во два наврати. Првиот пат не било најдено ништо, но вториот претрес, кој траел два дена, како што рече, ги нашле нејзините пари.
-Два дена се правеше претрес. Првиот ден, работеле, барале, немало ништо и закажале за утре дента. И тогаш пак барале и на крајот го нашле моето место каде што ги чував парите. Зад работната маса, зад фрижидер. Таму си најдов згодно место, не од сега, не од лани, од 1975 година и што ќе ми останеше некоја паричка, ќе ја отворев една плочка, како прозорче… во фолија си ги ставав паричињата, колку ќе имав толку. Таму имаше 350.000 евра. Тие ми беа гаранција за стари години, за се, за тешки денови. Парите беа 250.000 по 50 евра, а другите 100.000 беа по 500 и 100 евра. Тие парички цел живот се печалени. Од секаде. Од каде ќе продадам роба, ние сме земјоделска куќа. Бостан, диња, пипер, ореви, кајсии, се имавме. Секаде по пазар одев, сведочеше мајката на судијата Ристов, додавајќи дека тоа траело додека не почнале да се занимаваат со лозје.
На прашањето дали некој друг знаел за парите, таа рече дека никој не знаел.
-Никој не знаеше, тоа беше мое лично и на сопругот, рече мајката на судијата.
Таа појасни дека доколку продавала пипер во Прилеп, веднаш купувала марки, а потоа евра.
-Не ги броев, но ќе ги пикнев во дупчето од циглите. Кога ќе се стеснеше, во друго, рече Ристова.
Таа појасни дека од децата никогаш не земала ниту денар. Ги чувала парите за да кога ќе остари да лежи на Геријатрија, за што било потребно 100.000 евра.
Мајката на судијката продолжи да образложува дека цел живот работеле, па дури и не спиеле.
Таа на прашање на обвинителката Искра Хаџи Василева одговори и дека таа ја направила продажбата на фирмата за фотоволтаици, но тие пари не ги ставила во ѕидот.
-Тоа ми беше клетва од татко ми, од недвижност пари да се вложат во недвижност, рече мајката на обвинетиот судија Ристов.
Судењето е во тек.
Случајот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.