
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека не може да постапува во врска со случајот со непотребните операции на срце бидејќи сѐ уште нема безбедносен сертификат.
„Секако има заклучок на Владата, само што јас не можам во моментот да постапам бидејќи сѐ уште немам сертификат за државна безбедност, односно безбедносен сертификат. Јас имам аплицирано, го поминав интервјуто и очекувам дека штом се создадат законски услови ќе го направам тоа, како што имам направено за сите претходни случаи каде што имаме сомнеж за сторен криминал“ рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на пунктот на Институтот за јавно здравје.
Извештајот за непотребните операции на срце помина на затворена владина седница
Владата пред неколку месеци на затворена седница го разгледа извештајот на независната комисија од Министерството за здравство, која заклучи дека во земјава се изведувале непотребни операции на срце.
Случајот со непотребните операции на срце го отвори интервентниот кардиолог Сашко Кедев, кога во јавни настапи кажа дека непотребно се вршеле операции на срце на пациенти.
Потоа Министерството за здравство состави домашна комисија од експерти, чија работа беше да прима и да разгледува сомнителни досиеја на пациенти кои имале кардиохируршки зафати.
Во комисијата членуваа медицински лица од приватните и од државните болници, претставници на Министерството за здравство и ФЗО.
Наодите од домашната комисија потоа ги разгледуваа тројца странски експерти кои заклучија дека најмалку во девет случаи се изведени непотребни операции.