
За прославата на 35 години независност потрошени над 340 милиони денари: Митева го објави финансискиот извештај
За одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија биле потрошени вкупно 340.509.749 денари, односно околу 5,5 милиони евра, за организација на 18 настани во 13 градови низ државата. Деталите од реализацијата на програмата денеска ги презентираше владината портпаролка Марија Митева, која информираше дека Владата добила извештај од 81 страница од компанијата задолжена за организацијата.
За одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија биле потрошени вкупно 340.509.749 денари, односно околу 5,5 милиони евра, за организација на 18 настани во 13 градови низ државата. Деталите од реализацијата на програмата денеска ги презентираше владината портпаролка Марија Митева, која информираше дека Владата добила извештај од 81 страница од компанијата задолжена за организацијата.
Според презентираните податоци, најголем дел од средствата биле издвоени за хонорари на артистите и изведувачите, за што биле потрошени 129.307.500 денари, односно приближно 2,1 милион евра.
За продукцијата на настаните биле наменети 96.272.512 денари, додека логистичките трошоци изнесувале 58.527.037 денари. За маркетинг биле потрошени 2.832.450 денари, а за хонорари на соработниците дополнителни 53.570.250 денари.
Иако беа презентирани вкупните суми по категории, во изнесените податоци не беа наведени поединечните хонорари на музичките ѕвезди и изведувачите кои настапија на прославата.
Митева посочи дека програмата била организирана со цел да ги обедини различните генерации, градови и музички традиции, со посебен акцент на македонските уметници.
Еден од најголемите проекти бил националниот музичко-сценски караван „Силно светнал ден“, кој опфатил 11 градови, меѓу кои Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје. Во овој проект биле ангажирани 41 македонски вокален изведувач, 20 професионални танчери, актери и оркестар составен од 15 музичари. Караванот бил реализиран во копродукција со ОХО продукција.
Дел од програмата бил и концертот на светски познатиот тенор Хозе Карерас, одржан на 1 септември, на кој настапиле и десет домашни изведувачи. Карерас бил придружуван од Македонската филхармонија, под диригентската палка на Давид Хименес.
Меѓу меѓународните музички имиња кои настапиле во рамките на прославата биле и Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд. Во рамките на концертите под наслов „Најдоброто од Македонија“, организирани во Струмица, Скопје и Тетово, настапиле Мизар, Синтезис, Меморија, Суперхикс, Слаткаристика, Два Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари, Каролина Гочева и Елита 5.
Централниот настан бил концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, одржан на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Според извештајот што го презентираше Митева, на концертот присуствувале околу 50.000 посетители. Настанот бил реализиран со голема сценска конструкција, ЛЕД-екран долг 32 метри, светлосни и ласерски ефекти и специјализирана опрема за заштита на тревната површина на стадионот.
Митева нагласи дека организацијата на ваква програма не може да се оценува само преку имињата на изведувачите, туку и преку техничките, продукциските, логистичките и безбедносните барања.
Според неа, особено значајно било тоа што сите настани биле со бесплатен пристап за граѓаните, со што се овозможило пошироко учество во одбележувањето на државниот јубилеј.
Од Владата сметаат дека доставениот извештај овозможува увид во организацијата и распределбата на средствата. Сепак, од презентираната финансиска структура не може да се утврди колку поединечно чинеле настапите на Дејвид Гета, Хозе Карерас, Стив Аоки и останатите изведувачи.
Токму поединечните хонорари и трошоци за најголемите концертни настани остануваат важен дел од информациите за кои јавноста би можела да побара дополнителна детална финансиска пресметка.