
За германската СПД прифатливо е Шредер да посредува меѓу Русија и Украина
Експерти за надворешна политика од СПД, поранешната партија на Герхард Шредер, бараат сериозно да се разгледа предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот германски канцелар да биде посредник за решавање на војната во Украина, пренесува ДПА.
Експерти за надворешна политика од СПД, поранешната партија на Герхард Шредер, бараат сериозно да се разгледа предлогот на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот германски канцелар да биде посредник за решавање на војната во Украина, пренесува ДПА.
– Секоја понуда мора сериозно да се процени за да се утврди колку е веродостојна, рече Адис Ахметовиќ, портпарол за надворешна политика на централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД), во разговор за „Дер Шпигел“.
Според него, не треба да се прифати САД и Русија сами одлучуваат за иднината на Украина и европската безбедност.
– Нашата цел мора да биде да имаме место на преговарачката маса. Ако услов за ова е вклучувањето на поранешниот германски канцелар, тоа треба да се разгледа во тесна консултација со нашите европски партнери и да не се исклучи веднаш. Прв тест за кредибилитетот би бил продолжен прекин на огнот од двете страни, рече Ахметовиќ.
Експертот за надворешна политика на СПД, Ралф Штегнер, изрази сличен став.
– Досега, Европа не беше вклучена во преговорите и не е во можност да дава предлози. Доколку ова може да се постигне преку некој како Шредер, би било неодговорно да се исклучи, смета Штегнер.
Рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција изјави дека иако САД се обиделе да посредуваат, тој би можел да го замисли поранешниот лидер на СПД како посредник на европската страна.
– Од сите европски политичари, би претпочитал разговори со Шредер, рече Путин.
Германската влада изрази скептицизам во врска со предлогот на Путин. Владини извори во Берлин изјавија дека, сепак, ќе ги земат предвид сите забелешки.
– Германија и Европа нема да дозволат да бидат поделени од ова. Прв тест за кредибилитетот би бил Русија да го продолжи прекинот на огнот, соопштија германските власти.