
ЕУ: Слободата на медиумите е клучна за демократијата, новинарите мора да бидат заштитени во секој момент
Европската Унија, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите кој се одбележува на 3 мај, порача дека слободните и независни медиуми претставуваат темел на секое демократско општество и оти новинарите мора да бидат заштитени во сите околности.
Европската Унија, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите кој се одбележува на 3 мај, порача дека слободните и независни медиуми претставуваат темел на секое демократско општество и оти новинарите мора да бидат заштитени во сите околности.
Во соопштението на Европската Унија се наведува дека демократијата не може да постои без слободни медиуми, и дека пристапот до информации и слободата на изразување не се привилегии, туку основни човекови права.
ЕУ предупредува дека ширум светот е сè поизразено насилството врз новинарите, вклучувајќи убиства, повреди, закани, произволни апсења и присилни протерувања. Посебно се истакнува дека новинарките се несразмерно често мети на родово засновано насилство, вклучувајќи и онлајн вознемирување.
Како што се наведува, 2025 година беше најсмртоносната за новинарите на глобално ниво, а убиствата и нападите врз медиумските работници, вклучувајќи ги и оние во војната на Русија против Украина, како и во војните на Блискиот Исток, особено во Појасот Газа, Либан и Африка, мора да бидат темелно истражени, а одговорните казнети.
Во соопштението исто така се предупредува дека правото на информирање е сè повеќе загрозено, со раст на притисоците како што се застрашувањата и тужбите за застрашување на јавноста (SLAPP), кои поттикнуваат автоцензура кај новинарите. ЕУ ја осудува репресијата врз новинарите од страна на авторитарните режими ширум светот, вклучувајќи го насилството и притисоците во Иран.
„Владите мора да воспостават цврста правна рамка за да ги заштитат новинарите од злоупотреба на судските постапки. Ограничувањето на мрежите на странски дописници денес само остава поголем простор за ширење опасни и непроверени информации. Истовремено, поединечни канали кои се претставуваат како медиуми шират лажни вести и ги пренесуваат ставовите на властите, наместо да ги повикуваат на одговорност. Последица на тоа е што граѓаните се сè повеќе изложени на пропаганда и дезинформации, кои се претставуваат како вести“, се додава во соопштението.
Европската Унија истакнува дека ќе продолжи да го поддржува слободното, плуралистичко и квалитетно новинарство преку соработка со организации како Европскиот фонд за демократија, Обединетите нации и УНЕСКО, како и со регионалните тела како Советот на Европа и ОБСЕ.
ЕУ порачува дека, како во рамките на своите граници така и глобално, ќе продолжи да ги брани слободата на медиумите и правата на новинарите.