ЕУ остро против новите американски царини: „Сè над договореното е неприфатливо

Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, ги отфрли американските тврдења дека ЕУ не прави доволно во борбата против трговијата со производи создадени со присилна работа, нарекувајќи ги „целосно апсурдни“.

Европската Унија остро реагираше на предлогот на САД за воведување нови царини за увоз на стоки, оценувајќи дека секое дополнително зголемување над веќе договорените стапки е неприфатливо.

Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, ги отфрли американските тврдења дека ЕУ не прави доволно во борбата против трговијата со производи создадени со присилна работа, нарекувајќи ги „целосно апсурдни“.

Реакцијата следува откако Канцеларијата на американскиот трговски претставник предложи воведување дополнителни царини од 10 и 12,5 проценти за увоз од 60 економии, меѓу кои и Европската Унија. Како образложение се наведува недоволна борба против трговијата со стоки произведени преку присилна работа.

„По поразот пред Врховниот суд, американската администрација очајно бара нова правна основа за својата царинска политика. Изгледа дека сега секој можен аргумент се користи за оправдување на постојните или воведување нови царини“, изјави Ланге.

Тој нагласи дека Европската Унија кон крајот на 2024 година усвоила едно од најстрогите законодавства во светот за спречување на производи поврзани со присилна работа и дека компаниите веќе работат на усогласување со новите правила.

Според Ланге, тврдењето дека ЕУ не презема доволно мерки не се темели на факти.

„Секој што ќе ги разгледа фактите знае дека Европската Унија поставува глобални стандарди во оваа област“, истакна тој.

Европскиот функционер потсети и на трговскиот договор постигнат во јули 2025 година, според кој ЕУ ги укина царините за американска стока, додека Вашингтон се обврза максималната царина за поголемиот дел од европските производи да не надминува 15 проценти.

„За нас работата е јасна – сè што е над договореното ниво е неприфатливо“, порача Ланге.

Најавените мерки отвораат можност за нови трговски тензии меѓу Брисел и Вашингтон, во период кога двете страни се обидуваат да ги стабилизираат економските односи и да избегнат нови конфликти на глобалниот пазар.